Зошто „се потам како свиња“ е погрешно?

Лепливо, смрдливо, грдо. Обично вака се чувствува човек кога е испотен, вложувајќи голем напор за да ги скрие или отстрани последиците од еден физиолошки процес, без кого не би преживеале на топло.

„Радоста на потењето“ на Сара Евертс, до нејзиното излегување пред неколку дена, беше една од најочекуваните книги на летото. И некако е логично книга на ваква тема да излегува на жешко, бидејќи зборува за една од нашите најнеобични биолошки функции која истовремено е една од нашите највитални, а најмалку разбрани.

Зошто потта е солена? Зошто се потиме кога сме под стрес? Зошто неколку луѓе произведуваат обоена пот, а на други воопшто не им мириса? Што сè може да се дознае за нашето здравје и начин на живот од само една капка?

Забавното истражување на Еверт нè носи низ светот - од Москва каде учествува на бизарен настан во кој луѓе мирисаат пот во потрага по љубов, преку Њу Џерси каде компаниите најмуваат мирисачи на мишки за да ја проценат ефикасноста на нивните производи против потење. Во Финска Евертс ги истражува благодетите на парната сауна и наводните здравствени предности на доброто потење, а во Холандија присуствува на театарски претстави во сауни, со посебни ефекти и танцување со крпи.

Потта ни помага да преживееме - човечкото тело произведува многу топлина, дури и кога изгледа дека не прави ништо. Нашите мали потни жлезди лачат течност која испарува на кожата, а без која многу бргу би доживеале топлотен удар, органите би почнале да ни откажуваат, крвта да ни се згрутчува, а бактериите би ни навлегле во утробата.

Има и друг вид пот, која се лачи од поголемите жлезди лоцирани на места како мишки или меѓу препони, кои произведуваат „восочести, мрсни молекули“, особено привлечни за бактериите, чие мезење со потта произведува хемиски отпадок. Токму тоа е она што мириса, и тоа според експертите кои ги идентификувале компонентите, на „застојан путер“ или „мокро куче“.

Но сите оние кои се гадат од ваквите мириси треба да знаат дека како дел од животинското царство сме можеле да поминеме и многу полошо. Нечовечките видови или воопшто не се потат, или не се потат толку ефикасно како ние. „Се потам како свиња“ е всушност некоректна метафора, бидејќи свињите не се потат доволно па мораат да се валкаат во кал за да спречат прегрејување. Некои видови мочаат врз себе за да се оладат (како фоките), други повраќаат (како пчелите), или вршат голема нужда врз сопствените нозе (како штрковите).

Евертс е магистер по хемија, но пред сè талент сето ова да го објасни на пристапен начин, притоа отфрлајќи некои од вообичаените потни митови. Еден од нив ја изедначува детоксификацијата со потење, а друг вели дека користењето на парфеми со феромони би требало да придонесе за привлечноста на мажите. „Проблемот е што овие производи повеќе би привлекле попаленa маторица отколку жена“, пишува Евертс.

Пандемијата ја одзема можноста за понагласена блискост при поздравувањето кога барем за кратко може(в)ме да го почувствуваме мирисот на друг човек. Така барем привремено како сите да страдаме од аносмија - невозможноста за мирисање, која е и една од можните последици на постковид компликации.

Нашата способност за потење и до сега беше важна, но со глобалното затоплување ќе стане критична за преживување на климатските апокалипси кои доаѓаат, вели таа. Тоа може да предизвика и враќање на некои мистериозни потечки нарушувања, како Пикарди потење, смртоносна болест од која можеби починал и Моцарт, а која помеѓу голем број симптоми вклучувала и преголемо потење.

Читањето на оваа книга не предизвикува потење, ама ќе било финта да се сетеле да ја продаваат со антиперспирант, или барем маица за преслекување.

24 јули 2021 - 09:39