Зошто ни треба повеќе „не знам“?

Барем онлајн сите звучат како да се 100% сигурно во нешто, дека сè знаат, цело време. Блазе си им.

Еден од најдобрите совети кои човек може да ги добие пред јавен настап или предавање на кое се очекува дека некој може да постави прашање е да не му е незгодно да каже „не знам“ ако навистина нешто не знае. Да вети дека ќе ја провери работата, наместо да кажува нешто погрешно, или од срам да импровизира и уште повеќе да се обрука.

Ова „не знам“ е очајно потребно во модерниот дискурс. Нападнати од различни, често контрадикторни информации и мислења за истите, нам сега, повеќе од кога и да е, ни треба време и смиреност за да ги согледаме сите аспекти на некој проблем. Да не брзаме со заклучоци, а уште помалку хистерично јавно да реагираме. Да размислиме што тоа нешто значи. Дали е важно. Како треба да се однесуваме кон него. И ако сето ова во моментот не го знаеме, да му го соопштиме тоа на светот, со едно одлучно - не знам.

Наместо како знак на слабост ова треба да биде сфатено како достоинствен и одважен чин. „Не знам“ не е секси. Не заработува ретвити и не поттикнува заокружување на гласачко ливче. Но екстремната поларизација на луѓе на кои сè им е јасно е закана за демократијата - речиси сите современи приказни можат да имаат корист од секунда изразен сомнеж, правење чекор назад и проценка на значењето на некој настан или феномен.

Изразување мислење три секунди по објавувањето на некоја вест е знак на ароганција, повишен адреналин и генерален недостаток на критичко мислење. Застрашувачко е кога под just now појавена фејсбук статија веќе има дваесет инстантно убедени дека нешто е добро или погрешно, кои својот суд го донеле само според насловот. Но социјалните мрежи ги наградуваат оние кои се сигурни и кои не се срамат од неа. За сите нив (а и по малку за сите нас) е потребен еден нов Сократ, кој постојано ќе ни мантра - „знам дека ништо не знам“, „знам дека ништо не знам“....

извор

28 септември 2019 - 10:25