Зошто нацистите сакале кафе без кофеин?

Модерната верзија на нашето утринско кафе се појавила во 15-тиот век и ги заменила дотогашните полу-блуткави пијалоци направени од нешто што личи на кафе, ама не е кафе туку е, на пример, цикорија. Но во 1905 во Бремен, Германија, извесен Лудвиг Розелиус, открил метод на производство на вкусна безкофеинска верзија на она што нè држи будни во ваков тмурен ден.

Често тролана од страна на кофеинските „пуристи“, декофеинизираната течност кои некои не сакаат дури ни да ја наречат кафе, историски имала свои необични приврзаници. На пример - Третиот Рајх.

Кога нацистичката партија дошла на власт, во склоп на кампањата за одржување здрава, ариевска популација, почнала да го демонизира и кафето, а да ја популаризира неговата замена. Историјата на „декаф“, како и на голем број пронајдоци, е малку матна, но според книгата „100 години кафе HAG“ (бренд декофеинизирано кафе), Розелиус смртта на татко му во 1902 ја припишал на пиењето премногу кафе, па го измислил она без кофеин за да ги спаси другите зависници (што не е нелогично, имајќи предвид дека татко му работел во индустријата за кафе).

Но„декаф“ можеби било и случајно откритие - други приказни велат дека Розелиус добил цела пратка зрна кои пристигнале во брод чии магацини биле поплавени, со солена вода. Наместо да ги фрли, Розелиус и неговите колегеги направиле кафе од ваквите зрна и сфатиле дека освен што е малку соленко на пијалокот не му фали ништо. Ништо освен кофеин, кого солта некако го отстранила.

Процесот бил патентиран во Германија во 1905. Следната година Розелиус (на сликата горе) ја формирал компанијата Кафе Ханделс-Актиенгезелшафт, попозната како Кафе ХАГ, која го рекламирала декофенизираното кафе како луксузна стока во Германија. Наскоро низ Европа се појавило под името Sanka или sans caféine. По Првата светска војна тоа почнало да се извесува и во САД.

Во текот на 1920-тите и 1930-тите, Розелиус го адаптирал маркетингот во склад со опседнатоста на Вајмарската република со здравјето и фитнесот. Под нацистичката партија одбегнувањето какви и да е стимуланси, па и на кафето, станало државна политика, чија цел било зачувување на ариевската раса. Ова секако ги исклучувало Евреите, хомосексуалците и оние со ментално нарушено здравје.

Дали Кафе ХАГ директно и финансиски ги поддржувало нацистичките политики, тоа не е сосема јасно. Она што се знае дека на голем број нацистички прослави се служело декофеинизирано кафе, исто како и „каба“, топло чоколадо, кое го пиеле 42.000 членови на Хитлеровата младина на масовниот митинг во Нирнберг. Самиот Розелиус секако го поддржувал Хитлер, што било сосема вообичаен брак на профитот и политиката.

Она што нацистите не го знаеле е дека патентираниот процес на Розелиус остава траги од бензен, потенцијално токсичен јаглероводород. А додека кофеинот го сметале за непријател, нацистите ги охрабрувале Ариевците од време на време да џапнат по неколку коцки чоколадо зачинето со метанфетамини. Ваквиот стимуланс според нив ја зголемувал продуктивноста, а не бил штетен по здравјето. Препораката било да се јаде од три до девет вакви мали чоколади, кои, наспроти кофеинот биле „сосема безбедни“.

Извор: Атлас Опскура

17 ноември 2017 - 12:02