Зошто мртвите жени се идеални заштитни лица на брендови?

И покрај тоа што е мртва веќе 52 години, Мерлин Монро доби работа по којашто умираат голем број нејзини живи колешки - ангажирана е како нов заштитен знак на Макс Фактор. Тоа не е ни прв, ни последен пат компаниите да користат ликови на одамна починати актерки, прикажувајќи ги во нивните најдобри години.

Со оглед на развојот на технологијата, смртта веќе не е пречка кога се работи за рекламирање. Дури, на некој бизарен начин, е и предност. На годишната листа на најдобро платени мртви славни личности Монро е на шестото место, носејќи ѝ 17 милиони долари на компанијата Authentic Brands Group, која ги има правата за користење на нејзината појава.

Ова и нема да биде прва постхумна појава на Монро во реклама. Вo 2011 таа беше „воскресната" заедно со Грејс Кели и Марлен Дитрих како ѕвезда на Ј'Adore, тогаш нов парфем на Диор. Исто така, Одри Хепберн, која почина пред 22 години, неодамна можеше да се види како ужива во чоколадо во реклама на Галакси (а сепак е и понатаму толку слаба).

Ова многумина го оценуваат како невкусна тактика на маркетиншките компании. Монро, Хепберн и Кели денес би биле во нивните осумдесети, а Дитрих би имала 113. Но сликите кои им се нудат на потрошувачите ги прикажуваат овие жени на нивниот естетски врв. Така, тие се сведуваат на некакви ликови од цртани филмови, а не на реални луѓе.

Што се однесува до Монро, таа почина на 36, па од неа и нема фотографии како постара жена. Останатите доживеаа средовечност или старост. Но тоа тешко дека ќе го дознаете од интернет пребарување на нивните слики - на една од ретките кои ја прикажуваат Хепберн како повозрасна таа има шеесет години, а е објавена на блог на којшто некој коментирал: „Искрено мислев дека умрела кога имала дваесет и нешто, затоа што сум ја гледал само на такви слики".

И додека полека ја губиме довербата во современите фотографии, со оглед на можностите за нивна манипулација, на оние старите гледаме со доза на романтичност, како тие да не биле ретуширани (а биле). И додека ретуширање на современа актерка или манекенка е залудно кога нејзе може да ја начека папарацо зад секој агол и да ја слика разбушавена и без шминка, старите холивудски ѕвезди, со тоа што се оправдано отсутни, се изземени од таквиот ризик. Истовремено, тие и не можат да се бунат ако некој ги прикажува во светлина која не им се допаѓа.

Сепак, има и случаи кога самите актерки учествуваат во конзервирањето на идеализираната слика за нив. Вo нејзините осумдесети Дитрих се согласила да учествува во снимањето на документарец за неа, но дозволила само аудио интервјуа.

Има, додуша, компании кои одат во спротивната насока, како кога минатата година L'Oreal ја ангажираше 69-годишната актерка Хелен Мирен за заштитно лице. Сепак, повеќето брендови како едвај да чекаат поранешните диви како Софија Лорен, Кетрин Денев и Брижит Бардо да „скинат" за да можат да ги експлоатираат сликите од нив кога тие биле на врвот на убавина, без да се грижат дека тие можат да бидат фотографирани денес, и да ги потсетат потрошувачите дека единствениот вистински лек за стареењето е - смртта.

20 јануари 2015 - 15:45