Невронаука и филм

Зошто мозокот не ни експлодира кога гледаме брзи монтажи?

Џеф Закс е експериментален невронаучник, а неговата книга „Треперење: нашите мозоци на филмови“ меѓу другото објаснува некои од основните принципи кои прават подвижните слики да ни имаат смисла како континуирана приказна, и покрај монтажите.

Според Закс кога гледаме филм се активираат два основни процеса. Првиот е таканареченото „огледално правило“ кое вели дека кога набљудуваме одредено однесување имаме тенденција да го имитираме. Префронталниот кортекс на нашиот мозок (oној кој меѓу другото го моделира нашето социјално однесување, носи одлуки и решава што е добро а што лошо) го запира овој процес пред да се претвори во целосно дејство. Сепак, додека ги гледаме замислените лица на главните актери и ние на себе ги имаме истите изрази, или пак ако тие се во некаква опасност се подготвуваме како да ќе треба да бегаме или да се тепаме - почнуваме да се потиме, а срцето ни се забрзува. Вториот процес е таканареченото „правило на успех“, кое дава предност на дејства за кои има голема веројатност дека успешно ќе се извршат. Некои мозочни повреди резултираат со неспособност да се потисне овој рефлекс, па така е познат случај на пациент кој не може да погледне свеќа без да се обиде да ја запали. Така, ако некој актер почне со тупаници да мава по непријателот ние се штрекнуваме или се повлекуваме, две стратегии кои ветуваат успех во реалниот свет.

Огледалниот ефект важи не само за физичките, туку и за емотивните реакции. Понекогаш добра мелодрама може да те натажи повеќе отколку што тоа би го направила слична ситуација во реалниот живот. Наместо да видиш нешто тажно а потоа да плачеш, тука телесната реакција доаѓа пред чувството: се муртиме, рамениците ни се опуштаат, очите ни се влажнат, а дури потоа ова предизвикува чувство на тага. Ако на ова се додадат сите трикови кои ги прават авторите на филмовите, усовршени со децении, излегува дека тие се свесно темпирани стимуланси со однапред испланирани реакции. „За ваквите поттици можете да размислувате како за процесирана храна напумпана со шеќер и сол“, вели Закс. „Музиката, фино калибрираните изрази на лицата на актерите, алатките кои му стојат на располагање на режисерот: ова се супер-стимули кои удират право во нашите срца или, зависно од жанрот, ни го зголемуваат адреналинот“.

Ова објаснува и зошто филмувана верзија на некој настан многу лесно доминира над нашето познавање на фактите (а уште повеќе ако тоа познавање не е баш големо). Не само заради суперстимулансите, туку затоа што не сме баш добри кога треба да ги запамтиме изворите на информации кои ги моделираат нашите ставови. Дали прочитав во весник или другар ми кажа за тоа? Дали научив од учебник по историја или од гледање на Кејт Бланшет во „Елизабета“? Знам за Бин Ладен од Zero Dark Thirty или од документарец? Политичките импликации на ова се огромни, иако не и целосно неочекувани: Холивуд ги освојува умовите и срцата на сметка на вистината.

Но книгата истражува уште еден, потехнички феномен - влијанието на монтажата врз нашите умови, или обратно, како нашиот мозок не се збунува кога нарацијата му е прикажана во фрагменти? Изгледа како еволуцијата да не нè подготвила за ваквата способност, а на филмска монтажа сме изложени само стотина години - прекратко за да се прилагодиме како вид. Тоа е како во реалниот живот кучето кое го галите до вас одеднаш да стане чинија со шпагети, а каучот огромен октопод. Тоа сигурно би нè збунило во реалноста, но не нè буни кога е на филм. Зошто?

Главните поенти во книгата се објаснети во ова ново видео (7:16 минути). Спојлер: може не сме навикнати на дисконтинуитет на визуелното во смисла на радикална монтажа, но од друга страна па трепкаме. И тоа трепкање со илјадници години нè подготвило за брзите сцени со тепачки во филмовите на Нолан. 

26 септември 2017 - 09:08