Славој Жижек

Зошто глобалната слава на Мандела е всушност лош знак?

Таа можеби маскира еден тажен факт - дека тој не успеал вистински да го вознемири глобалниот поредок на моќта.

Во последните две децении од својот живот, Нелсон Мандела беше славен како модел за тоа како една земја треба да се ослободи од колонијалниот јарем без да му подлегне на искушението на диктаторската сила, и без да негува антикапиталистички став. Накратко, Мандела не беше Роберт Мугабе, а Јужна Африка остана повеќепартиска демократија со слободни медиуми и жива економија, добро интегрирана на глобалниот пазар и имуна на брзоплетите социјалистички експерименти. Со смртта на Мандела, неговиот формат на речиси свет, мудар човек, изгледа дека е потврден за вечни времиња: снимени се холивудски филмови за него - го играше Морган Фримен кој, патем, исто така глумеше и бог во некој друг филм; неговата беатификација ги обедини рок ѕвездите и верските водачи, спортистите и политичарите од Бил Клинтон до Фидел Кастро.

Сепак, дали е тоа целата приказна? Два клучни факта остануваат пригушени со оваа свечена сцена. Животот на сиромашното мнозинство во Јужна Африка остана беден како и во апартхејдот, а подемот на на политичките и граѓанските права оди рака под рака со порастот на неизвесноста, насилството и криминалот. Главната промена се огледува во тоа што на старата владеачката класа на белци ѝ се придружи новата црна елита. Освен тоа, луѓето се сеќаваат на стариот Африкански национален конгрес, кој ветуваше не само укинување на апартхејдот, туку и воспоставување на општествена правда, дури и некој облик на социјализам. Тоа порадикално минато на Конгресот полека исчезнува од сеќавањата. Тогаш не е ни чудно што расте бесот помеѓу сиромашните црни Јужноафриканци.

Јужна Африка во таа смисла е само уште една верзија на познатата приказна за современата левица. На општо воодушевување, лидерот или партијата се одбрани благодарејќи на ветувањата за „нов свет" - за порано или подоцна тие да налетаат на клучната дилема: дали да се осудат да чепнат во капиталистичките механизми или да ѝ се „приклучат на играта"? Затоа, би било премногу едноставно да се критикува Мандела заради напуштањето на социјалистичката перспектива после укинувањето на апартхејдот: дали тој навистина имал избор? Дали движењето кон социјализам некогаш било реална можност?

Лесно е да се исмева Ајн Ранд, но славната „химна на парите" од нејзиниот роман „Рамнодушниот Атлас" содржи и зрно вистина: „Се' додека не сфатите дека парите се основата на сето добро, ја предизвикувате сопствената пропаст. Кога парите ќе престанат да бидат средство со кое луѓето постапуваат едни со други, луѓето ќе бидат орудие во рацете на другите. Крв, камшици и пушки - или долари. Изборот е ваш, друг немате". Нели Маркс рече нешто слично во неговата позната формула за тоа како, во свет во кој се' е стока, "односите помеѓу луѓето преземаат облик на однос помеѓу предмети"?

Во пазарната економија, односите меѓу луѓето можат да се претстават како односи на взаемно признати слободи и еднаквости: доминацијата сè повеќе не се применува директно и не е видлива како таква. Проблематична е скриената премиса на Ајн Ранд која тврди дека единствениот избор е оној помеѓу директните и индиректните односи на доминација и експлоатација, која ја отфрла секоја алтернатива како утопијска. Но без оглед на тоа треба да се има на ум мигот на вистина во нејзиното инаку комично идеологизирано тврдење: големата лекција на државниот социјализам вели дека непосредното укинување на приватната сопственост и пазарно регулираната размена, без конкретни облици на општествена регулација на процесите на производство, нужно раѓа односи на зависност и доминација. Ако само го укинеме пазарот (вклучувајќи ја и пазарната експлоатација) а не го замениме со соодветен облик на комунистичка организација на производство и размена, доминацијата се одмазднички се враќа, а со неа и непосредната експлоатација.

Општо е правилото дека кога ќе почне револтот против опресивниот, полудемократски режим, како што тоа беше случај на Блискиот исток во 2011, лесно е да се мобилизираат широките маси со популистички слогани - за демократија, протув корупција, на пример. Но потоа постепено доаѓаат потешки избори, кога револтот ја остварува својата основна цел и кога сфаќаме дека она што навистина не' угнетувало (неслободата, понижувањето, општествената корупција, лошите изгледи за пристоен живот) и понатаму трае во друг облик. Владеачката идеологија тука го мобилизира сиот свој арсенал како би не' спречила да дојдеме до тој радикален заклучок. Почнуваат да ни зборуваат дека демократската слобода носи свои одговорности, дека таа има своја цена, дека уште не сме зрели ако од демократијата очекуваме премногу. Така ни ја префрлаат вината за неуспехот: во слободното општество, така ни велат, сите ние сме капиталисти кои инвестираме во свој живот, па ако сакаме да успееме треба да вложуваме во своето образование, а не во забава.

На понепосредно политичко ниво, надворешната политика на САД има разработено детална стратегија како да спроведе контрола на штетата со канализирање на општонародното востание во прифатливи парламентарно-капиталистички рамки - како што со успех тоа е изведено во Јужна Африка по смената на режимот на апартхејдот, на Филипините по Маркос, во Индонезија по падот на Сухарто, и така редум. Токму во таа насока радикалната еамнципаторска политика е соочена со својот најголем предизвик: како да продолжи понатаму откако првата фаза на ентузијазам е завршена, како да се направи следниот чекор а да не се подлегне на катастрофата на „тоталитарното" искушение - со еден збор, како да се продолжи по Мандела, а да не стане Мугабе.

Ако тежнееме да му останеме верни на наследството на Мандела би требало да ги заборавиме свечените крокодилски солзи и да се сосредоточиме на неисполнетите ветувања инспирирани од неговото водство. Со право можеме да претпоставиме дека Мандела, со оглед на неговата несомнена етичка и политичка величина, пред крајот на животот бил огорчен старец, свесен дека неговиот политички триумф и издигнувањето во универзален херој му го имаат замаскирано тешкиот пораз. Неговата универзална слава, имено, е знак дека тој не успеал навистина да го вознемири глобалниот поредок на моќта.

Автор: Славој Жижек

12 декември 2013 - 20:00