Зошто ги забораваме прочитаните книги (а богами и филмовите)?

Не знаеме за вас, но нам ни е потребен посебен напор - фаќање белешки, потцртување, навраќања - за да успееме да запамтиме за што е книгата во текот на читањето, а камоли после некое време. Можеби е до годините, а можеби до тоа дека во просек тоа е нормална работа.

Сме чуле дека има луѓе кои можат еднаш да прочитаат книга или да изгледаат филм и совршено да се сеќаваат на нив и по неколку години. Но во просек, изгледа дека спротивното е повообичаено. Меморијата има вградено ограничување, велат психолозите, и визуелно може да се прикаже како крива.

Таа „крива на заборавањето“ е највисока во текот на првите 24 часа откако нешто е научено. Колку потоа опаѓа, во смисла на проценти, варира, но доколку „материјалот“ не се повтори, голем дел од тоа оди фира уште првиот ден, а количеството на заборавено се зголемува со секое изминато деноноќие.

Иако стандардното објаснување на оваа појава лежи во одземеното внимание во доба на интернет и мобилни, изгледа работата со меморијата отсекогаш стоела вака. Она што е различно е каков тип меморија вреднуваме и одржуваме, а таа која ја негуваме во моментов не е од оној вид кој помага да се запамти заплет на филм кој си го гледал пред шест месеци.

Денес способноста за спонтано црпење информации од сопствената меморија веќе не е толку неопходно, бидејќи сè може да се изгугла. Така, интернет станува некој вид екстерна или екстернализирана меморија. Зошто да се мачиш да памтиш ако некој може да памти за тебе?

Дека работата ќе дојде до вакво дереџе предупредил уште Платон. Во дијалог кој се одвива помеѓу Сократ и Федар, Сократ ја кажува приказната за богот Теут кој ја открил употребата на писмото. Египетскиот крал на ова искоментирал:

„Ова твое откритие ќе поттикне заборавање во душите на учените, затоа што тие нема да се потпираат на сопствената меморија; ќе веруваат на надворешни пишани знаци а нема да помнат самите“.

Што е за право, немаше да знаеме ни за овие идеи на Платон ако тие не беа запишани. Или можеби ќе ни беа пренесени преку усното творештво, како што со векови биле пренесувани (и памтени) цели епови и куп приказни, а „Гугл“ биле најстарите и најмудрите во заедницата.

27 јануари 2018 - 12:57