Зошто е тешко да НЕ веруваш во Бог?

Радикалните атеисти сметаат дека религијата е куп наметнати лаги и измислици. Но што ако верувањето во натприродното е всушност природно?

Еден американски научник го посетил Нилс Бор, данскиот физичар и нобеловец кој избегал во Америка од нацистите и работел на проектот Менхетен, чиј резултат била атомската бомба. Се изненадил кога над работната маса здогледал потковица. „Сигурно не верувате дека таа ви носи среќа, професоре?". Бор се насмеал: „Како научник не верувам во тие глупости. Но велат дека потковицата носи среќа без оглед дали вие верувате во тоа или не."

Со оваа анегдота почнува новата книга на Доминик Џонсон, „Господ те гледа: како стравот од Бога нè прави луѓе". Иако Бор можеби не го мислел ова за озбилно, неговиот одговор во себе содржи една важна вистина: дека луѓето околу себе секогаш се обидуваат да најдат шеми кои ја надминуваат причинско-последичната поврзаност на работите, и живеат како да ги надзира некаква натчовечка сила.

Џонсон е академски интересно поткован - истовремено е еволутивен биолог со образование од Оксфорд и доктор по политички науки. Тој во ваквата потреба во природните настани да се бара натприродна смисла гледа универзална човечка карактеристика. Феноменот според него не е специфичен само за културите обликувани од монотеизмот, туку и за оние во кои правдата ја дели невидлива војска богови, духови или некаков безличен космички процес (на приемр кармата). Но во сите вакви случаи на човечкиот дух му е неопходен некој вид морален поредок кој е вон и над секојдневното човечко дејствување. А тоа има пресудна еволутивна улога бидејќи поттикнува општествена соработка, преку која тоа натприродното (што и да е) во случаи на колективни кризи се скротува и неутрализира.

Според таканаречените „нови атеисти" (Докинс, Денет, Хиченс), религијата е мешавина на лаги и заблуди која поттикнува уште повеќе лаги и заблуди. А виновни за тоа се злонамерните свештеници и злите елити. Длабоко вкоренетата човечка слоност кон религијата за атеистите всушност е проблем на злото. Но што ако верата во натприродното (тоа „зло“) е природно својство? Секој кој сериозно ја сфаќа идејата за еволуцијата во религиите гледа прилагодување на искуството на живеењето во еден непостојан и опасен свет, а не интелектуална грешка. Верувањето во натприродни санкции, според книгата, ја засилува општествената солидарност и го зауздува себичното индивидуално однесување.

Моралноста која ја наметнува верата често е репресивна, велат атеистите. Но не сите религии се фокусираат на натприродни суштества чија главна грижа е казнување на лошите постапки согласно некој ригиден морал. Во стара Грција и Рим боговите се повеќе каприциозни и непредвидливи, одмаздољубиви и пакосни, дури и едни кон други, отколку заинтересирани за казнување на луѓето. Па сепак, луѓето се плашеле од нив. „Каприциозните богови не се поголем проблем за теоријата на натприродното казнување, отколку што се корумпираните политичари за теоријата на демократското владеење" вели Џонсон.

Тој заклучува дека отфрлањето на религијата не само што не би бил мудар потег, туку и одвраќањето на човештвото од неа е едноставно невозможно.

„Би било прилично избрзано кога би претпоставиле дека таа сложена стара машина која сме ја нашле во нашата еволутивна гаража не е корисна и кога неа би ја фрлиле на ѓубриштето на историјата. Можеби уште ќе ни затреба".

Или да го парафразираме Бор - и да веруваш и да не веруваш, колку-толку може ќе се спасиш.

1 февруари 2016 - 18:48