Зошто е потребна Наука за сите?

Колку интернет страници на македонски знаете кои објавуваат квази-научни информации, полувистини па дури и здравствени совети кои всушност можат да ви го влошат здравјето? А колку сајтови на македонски знаете кои преку авторски текстови ви нудат издржана научна информација? Еве еден.

„Спасете човек од мозочен удар само со игла“. „Обликот на нозете открива каква е жената во кревет“. „Ставете ги врвовите од прстите во чаша со вода и за 30 секунди ќе дознаете дали имате здравствен проблем“.

Интернетот на македонски е преплавен со вакви статии на лошо преведен англиски (или почесто: српски), а сајт на кој човек би можел да прочита издржана научна информација од различни области, презентирана преку авторски текстови, и на начин разбирлив за „обичните смртници“, нема.

Завчера, 10.12 во Скопје се промовираше редизајнираниот сајт „Наука за сите“, кој ќе се обиде да ја пополни оваа празнина. Проект започнат во 2015 од неколкумина млади ентузијасти главно од македонската научна дијаспора во САД, Канада, Западна Европа и Јапонија, тој е замислен како средство за популаризирање на науката во Македонија. До сега објавените статии се од областа на когнитивните науки, технологијата, компјутерските, биолошките, хемиските науки, психологијата и астрономијата. Што е тоа ХААРП? Како бактериите стануваат отпорни на антибиотици? Дали витаминот Д е навистина витамин на среќата? Ова се само некои од темите на овие текстови, кои се авторски, од наши луѓе, кои го познаваат она за што пишуваат.

Според Атанас Кирјаковски, уредник на НЗС, има повеќе причини зошто е потребен еден ваков сајт на македонски. 

Прво - и очигледно - затоа што придонесува за квалитетни онлајн содржини токму на македонски, какви што недостасуваат.

Второ - затоа што ќе вмрежува млади научници, студенти но и научни ентузијасти, кои на ваков начин можат да ги споделат своите знаења, но и да иницираат нови проекти и меѓународни соработки. 

Трето - затоа што веќе е досадно да се повторува колку е низок процентот од македонскиот буџет за научни истражувања и развој, па оттаму и за промовирање на науката. И самиот НЗС до сега се финансира од донации и „вози“ само на ентузијазмот на поединците кои учествуваат во неговото полнење. Тие се надеваат на долгорочна и суштинска поддршка, но секако и на општа промена на подобро на полето на науката кон кое сакаат да придонесат.

Ново на редизајнираниот сајт е подкаст, чие прво издание е интервју со проф. Златко Трајаноски, биоинформатичар, еден од најцитираните македонски научници. Тој во оваа премиерна емисија зборува за најновите откритија во молекуларната биологија на ракот и развивањето нови терапии против истиот кои го искористуваат потенцијалот на нашиот имунитет. 

Слушнете ја емисијата (44 минути), и придружете се на Наука за сите, или како читатели или како пишувачи. Со тоа ќе направите мал чекор за себе, но голем за промовирање на науката во Македонија.

Содржина / Минутажа

Вовед и добредојде.  

0:03:17

Нобеловата награда за физиологија и медицина и компјутерскиот пристап на професорот. Проф. Трајаноски ја објаснува новата парадигма на користење на имуниот систем во лекувањето на ракот.

0:07:45

Дали геномот на клетките на ракот е ист со геномот на здравите клетки? Постојат огромни датабази на секвенционирани геноми на ракови кои треба компјутерски да се истражат.

0:10:40

Колкава процесирачка моќ е потребна за анализа? Колку време е потребно да се симнат сиве овие податоци? Суперкомпјутери и алатки за анализа на податоците.

0:12:25

Која е разликата меѓу генетика и геномика?

0:13:32

Зошто имуниот систем не го препознава и не се бори против ракот без наша интервенција?

0:14:17

Како се одвиваат истражувањата во лабораторијата на проф. Трајаноски, кои параметри вклучуваат во нивното моделирање?

0:15:39

Имуниот систем има способност да навлезе во ткивото на ракот, но мистериозно останува неактивен.

0:17:22

На кој начин се отстрануваат „кочниците” на имуниот систем со цел да се активира? Во што се разликува имунотерапијата од останатите методи на лечење на ракот како што се хемотерапија, радиотерапија итн.?

0:18:38

Еволуција на ракот. Персонализирана медицина или специфична терапија за секој пациент посебно. Прецизна медицина и за колку време ракот ќе може да го излекуваме?

0:25:04

Дали и колку машинското учење е присутно во анализата на геномските датабази?

0:29:58

Во лабораторијата на проф. Трајаноски работеле и други истакнати македонски научници. Каков профил на истражувачи му се потребни и какви студенти можат да ја продолжат својата научна кариера во неговата лабораторија? Како се одвива еден типичен ден во истата?

0:31:34

Со кои институции во Република Македонија би била возможна соработка?

0:36:47

Со какви предизвици се среќаваат научниците при работата со геномските датабази? 

0:37:36

Дали секој може да биде научник и зошто постојат негативни стереотипи за науката и научниците? Како може да се поправи тоа?

0:40:15

Заклучок

0:44:18

12 декември 2018 - 09:02