Златен занает - рачната работа како клуч за среќа

Дури три нови книги, секоја од свој агол, ја промовира терапевтската вредност на тоа да се занимаваш со некој занает. Плетење, косење со срп, правење ракија, шишање нечија коса. Тие функционираат како заеднички напор да се контекстуализира, вреднува и промовира чинот на правење нешто со сопствени раце.

„Проклетството на џемперот исплетен за дечко“ (есеи од Алана Окун, уредник на сајтот за облека Рекд), „Краефт: истражување на потеклото и вистинското значење на традиционалните занаети“ (од Александар Ленгландс, археолог и историчар, автор на повеќе ТВ шоу програми за Би-би-си за традиционални земјоделски техники) и „Господари на рачната работа: старите работни места во новата урбана економија“ од Ричард Е. Осијо која ги истражува професиите како бербер, производител на ракија или касап. Сите овие се новоизлезени книги кои се однесуваат на слична тема - важноста (историски и актуелно) на занаетот за колективниот живот, но и за личното исполнување и среќа.

Проклетството од насловот на првата книга се однесува на верувањето во плетачката заедница дека ако почнеш да плетеш џемпер за партнерот, врската ќе заврши пред џемперот да биде исплетен. Процесот на плетење оттаму се поврзува со некаква магична емоционална енергија која се создава околу овој чин - плетам за дечко ми, значи вложувам голем напор и очекувања, а тоа можеби создава притисок, па и некако е „логично“ врската да доживее криза. Заради џемперот. Со ваков хумористичен тон се обоени сите есеи во книгата, кои додуша имаат и малку помрачни моменти, како кога Окун плете бебешки пуловер за да размислува за нов живот по губитокот на двајца блиски пријатели. „Да создаваш со раце што и да е прави да се чувствуваш како да имаш контрола над работите“, вели таа.

Ако книгата на Окун се поврзува со женската традиција на комично пишување за животните премрежја, онаа на Лангланд е малку помажествена. Почнува со приказна за тоа како му се расипала косилката за трева и како се обидувал да си го искоси дворот со срп. Додека случаен минувач, гледајќи го како се мачи, не го подучил како да го наостри со камен и како да ракува со него. Набргу на Лангланд му тргнало, па успеал да искоси сè, истовремено слушајќи ги птиците, чија песна инаку звукот на косилката би го покрила.

Мажественоста, социјалната мобилност и гентрификацијата, сите овие имаат улога во оживувањето на занаетите. Но „кул“-от кој оди рака под рака со нив е концепт кој е најтежок да се објасни. Според авторот на третата книга, „Господари на занаетот“, новата елитистичките верзии на овие класични и вообичаени професии се главни во моделирањето на културните вкусови. Да се биде млад, добро образован а истовремено да се заработува од некој занает претставува не само легитимна, туку и „кул“ опција за вработување и заработување.

Трите книги според критичар на Њу Рипаблик се толку поврзани што би требало да се нудат како книжарски „пакет“. Тие ги комбинираат личниот пристап, земјоделскиот контекст и социолошката анализа на трудот, но истовремено ја промовираат рачната работа како терапевтски корисна. Ова е малку парадоксално, бидејќи ако авторите на книгиве промовираат нешто што е различно од пишување (односно различно од интелектуална работа), тогаш не ни требало да ги напишат. Сепак, тие функционираат како заеднички напор да се контекстуализира, вреднува и промовира чинот на правење нешто со сопствени раце. Што е можеби, наспроти вообичаените концепти, вистинската интелектуалност.

12 април 2018 - 18:44