Ем конзервативки, ем феминистки

Жените кои помогнале во подемот на Кју-клукс кланот

Стереотипно, се смета дека женските политики се секогаш понежни и помалку расистични од машките. Историски податоци за жени на раководни позиции на американскиот ККК кој заговара(л) супериорност на белата раса, антисемитизам, хомофобија и антикомунизам, прикажува една поинаква слика.

(Извадоци од книгата на историчарката Линда Гордон која ќе излезе наскоро, под наслов „Второто доаѓање на ККК“, која ја раскажува приказната за повеќе од половина милион жени кои помогнале за подемот на белечкиот супрематизам во 1920-тите во САД)

Иако мажите во кланот по број ги надминуваа жените во однос 6 спрема 1, најмалку половина милион жени (а некои велат дури и 3 милиони) му се приклучиле на движењето, а во оваа бројка не спаѓаат оние кои учествувале на јавни настани или ги поддржувале неговите идеи. Тие придонеле со нов аргумент кон каузата: дека појавата на жените како активни граѓанки ќе помогне во прочистувањето на земјата. Ова тврдење веројатно се појавило дури откако бил усвоен 19-тиот амандам на американскиот устав (кој овозможува право на жените да гласаат) од 1920; претходно голем број припадници на ККК од обата пола веројатно имале сомнежи за исправноста на тоа жените да се занимаваат со политика.

Сепак, тоа дека жените можат да ги вратат „семејните вредности“ во раководењето со нацијата - став кој во тоа време го имале движењата од сите политички бои - било контрадикторно со конзервативната идеологија: и покрај приврзаноста кон викторијанските родови норми, вклучително и женскиот домаќинлук, голем број конзервативки уживале во учеството во политиката. Всушност, некои од членките на ККК го интерпретирале политичкиот активизам како женска одговорност. Потоа, откако еднаш се активирале, често знаеле да ги презираат машките обиди да ги контролираат, па дури и ја предизвикувале машката моќ. Оттаму, се среќаваме со феномен кој голем број прогресивни феминисти го сметале, и се уште го сметаат, за аномалија - постоењето не само на конзервативен феминизам, туку и на феминизам кој во себе вклучува омраза. Читателите кои веќе не го имаат сторено тоа мораат да се ослободат од идејата дека женските политики се секогаш поучтиви, понежни и помалку расистички од машките.

Жените кои биле активни во Кланот ја продолжувале популистичката традиција од 1880-тите и 1890-тите. Дури и без право на глас, жените претставувале значајна сила во Алијансата на фармери и во популистичките и социјалистички партии. Жените-активистки држеле говори на собири, уредувале весници, лобирале за закони, објавувале романи, пишувале политички трактати, се кандидирале за функции и биле бирани за раководство во Алијансата - накратко, се вклучувале во сите форми на политичка активност кои им биле дозволени.

(...) Голем број жени во Кланот биле сопруги на негови членови, но некои се приклучиле независно, а имало и случаи тие да ги доведат нивните мажи во организацијата. Всушност, некои од сопрузите отворено ги презирале активностите на своите жени во Кланот и нивните отсуства од дома, па имало дури и обвинувања за тоа дека некој не е доволно голем маж за да си ја држи жената в куќи. Жените се организирале преку црквите, клубовите, сестринствата и пикниците на Кланот. Машките водачи, алармирани од ваквите иницијативи кои биле вон нивна контрола, формирале женски групи, што произвело мноштво организации со имиња како Камелии, Кралици на златната маска и Дами на невидливата империја. Во 1923 е сите тие на сила се вмрежени во Жени на ККК. Некои од групите давале отпор на ваквото спојување, одбивајќи да имаат субординиран статус. Но до ноември 1923 женската ККК имала ограноци во сите 48 држави, а во Индијана, држава каде Кланот бил најсилен, а населението 97% бело и протестантско, женскиот ККК имал дури 250.000 членови, што ако е вистина значи дека вклучувал 32% од белите протестантки родени во Америка.

Лидерките на ККК биле комбинација на конзервативност и агресивност. Елизабет Тајлер, на пример, ко-шеф на пи-ар фирма на ККК, ги пречекорувала скоро сите родови норми на времето, и се однесувала како денешен извршен директор. Родена во 1881, се омажила на 14, била напуштена или останала вдовица на 15, имала уште неколку кратки бракови и исто толку разводи. Почнала како членка на братството „Ќерки на Америка“, анти-имиграциска организација, која се залагала за еугеника и за „подобри бебиња“. Формирала компанија, Саудерн Паблицити Асосиејшн, која продавала услуги на организации како Црвен крст или Анти-салун лига. Во првите 15 месеци работа за Кланот таа заработила тогашни 200.000 долари (денешни 2.7 милиони).

Додуша ваквиот успех не поминал без проблеми: Елизабет и нејзиниот бизнис партнер биле фатени како вршат „неморални дејства“ (се пријавиле во хотел под лажни имиња, имале секс иако биле во брак со други луѓе и пиеле виски за време на прохибиција), за скандалот пишувал дури и Њујорк Тајмс, а бил искористен за силна кампања од страна на опонентите на Кланот. Но Тајлер одбивала да се повлече, а преживеала дури и обид за атентат од страна на непознати напаѓачи. Успеала негативниот публицитет од судските сослушувања да го спинува во поттик членството уште повеќе да се засили и да порасне со геометриска прогресија. Иако на крај морала да даде оставка заради злоупотреба на парите на Кланот, таа сепак била негов благослов. Организацијата тешко дека толку ќе се развиела без ваквата храбра и дрска бизнисменка.

Подолг извадок од книгата, со уште примери на жени-членки и функционерки на ККК тука

16 август 2017 - 17:20