„Едноставно, нели...“

Зборовите како штаки

Додека новинарите ги анализираа разликите помеѓу пишаниот говор на Клинтон и она што тој навистина го кажа, восхитувајќи се на неговата способност за импровизација, Џо Бајден изгледа го надмина. Но тоа не е најинтересното во врска со неговиот говор.

Лингвистичките пицајзли добиваат одличен терен за статистичка анализа токму кога се во прашање политичките говори. И целата работа, барем нам, ни е навистина интересна. Кој што кажал, и особено, кој што преќутил. Во случајов се работи за обилното користење на зборот „буквално" од страна на Бајден во неговиот говор на Демократската национална конвенција во Шарлот, каде го употребил 9, а според други, дури 10 пати, што на интернет наиде на „семантички потсмев". За Бајден ова е очигледно „збор-штака", каков што горе-доле секој од нас си има при рака.

Зборовите-штаки се оние изрази со кои го зачинуваме нашиот говор, нешто што овозможува пауза, ни дава време да помислиме што да кажеме следно, или да го акцентираме она што сакаме да го кажеме. Но иако за нас имаат корисна функција, генерално тие се „празни" и непотребни за другите. Често употребувани во англискиот, но и во македонскиот се „всушност" (за скопјани попознато како 'уствари'), „искрено" (особено кога е неискрено), „на крајот од денот" (буквален превод на „at the end of the day" кој сè почесто се слуша и кај нас), „секогаш" и „никогаш" (дури и кога нема ни најмала статистичка поткрепа да се тврди нешто во овие екстреми), „види се(г)а" како израз во муабети на меѓусебно убедување и сл. Чест се и звуци од типот „ммм", „ааа", таканаречени „гутурални", кои, овааај, ееее, помагаат мозокот да ви се стави во прва брзина.

Овие зборови се изговараат сосема несвесно, и во сферата на вербалното се исто што и присилните движења во телесниот говор. Ги кажувате затоа што некако ви доаѓа да го направите тоа, и за среќа никој не ви брои. Освен кога навистина ќе претерате.

10 септември 2012 - 12:36