Запознајте го уметникот Еди Рама, премиер на Албанија

И покрај купот инфраструктурни, економски и други проблеми во Албанија, нејзиниот премиер наоѓа време и за сликање. Во моментов е во тек негова изложба во една од врвните светски галерии.

„Политиката, со нејзиното лудило, може да ја направи уметноста уште подобра“, е една од изреките на Еди Рама, чија канцеларија изгледа повеќе како галерија, со ѕидови кои наместо со тапети се украсени со стотици негови цртежи. Тие се апстракции, со широка палета интензивни бои, кои веројатно ги хипнотизираат оние кои влегуваат на состаноци во премиерскиот кабинет.

Поранешен професор по уметност, тој никогаш немал намера да влезе во политика, но и кога го сторил тоа не ја напуштил својата професија. Сега, среде дебатите за влез на Албанија во ЕУ, како и купот други прашања со кои се соочува како висок државен функционер, тој ја подготвува и неговата прва изложба во САД, во галеријата Маријан Гудман во Њујорк. Ова е прв пат актуелен шеф на влада да има свое шоу во една од водечките галерии на светот - дури и Џорџ Буш, кој додуша почна да слика дури по неговото претседателствување, не може да направи изложба вон неговата сопствена библиотека во Далас.

Како градоначалник на Тирана во тек на цели 11 години, тој со малку пари презеде целосно редизајнирање на градот, боејќи ги сивите згради од социјализмот во светли, храбри бои. Тирана така заличи на млад, мултиетнички и буквално разнобоен град.

Најпрвин сметал дека боењето згради во град во кој функционирале само 78 улични светилки и имало куп други проблеми може да биде сфатено иронично.

„Замисли во такви услови да ги прашаш луѓето која боја сакаат да биде нивната зграда. Тие би рекле - Еби се! Изгледаше како најдобриот начин да им кажеш дека не си воопшто заинтересиран за нив. Но сето ова имаше ефект кој не можев да го замислам. Откако зградите беа обоени, луѓето почнаа да ги тргаат тешките огради околу нивните продавници. На обоените патишта почнаа да плаќаат 100% даноци, додека претходно стапката беше 4%. Почнаа да прифаќаат да плаќаат за градот, затоа што преку боите тој почна да постои“.

Прв чекор откако станал премиер било да се отараси од барикадите околу канцеларијата на премиерот. Сега влезната врата е ширум отворена, а над неа има дело од францискиот уметник Филип Парено, кој во моментов изложува во Тејт Модерн во Лондон. Кога ќе се мине под него се пристигнува до новиот Центар за отвореност и дијалог, во чиј склоп има уметничка галерија, библиотека, мало кино и интернет кисоци, отворени до доцна во ноќта. Целта според премиерот е „првиот кат да е за граѓаните, вториот за моќта“.

Рама бил професор по сликарство на Академијата во Тирана во деновите на опаѓањето на комунизмот, и зел активно учество во протестите кои воделе до демократизација. Добил стипендија во Париз, каде живееле тој и неговата сопруга. Можел да остане во Франција, но во 1998, кога бил во Тирана за погребот на татко му, добил повик кој ја запечатил неговата кариера: тогашниот премиер барал министер за култура. Немало голем буџет, но Рама успева да ја изведе првата меѓународна уметничка изложба, „биенале без пари“, како што тој го нарекува, кое во Албанија довело уметници и куратори од цела Европа.

Во текот на долгите и често здодевни состаноци единствен начин да преживее му бил да цртка. Овие навидум банални цртежи созреале со тек на времето, па прераснале во цели композиции. Критичарите ги споредуваат со автоматското цртање на Ернст или Андре Масон, надреалистите кои создавале флуидни, биоморфни шеми без претходно планирање. Голем број од нив се исцртани на позадината на распоредот на обврски на премиерот - цветови и чудовишта, кои како да го илустрираат и истовремено разубавуваат грубиот свет на политиката. „Политиката е секојдневна битка. А уметноста е како молитва“, заклучува тој.

Поврзано: И Еди Рама собира „Балканштини“

15 ноември 2016 - 19:39