реакции по еден говор

За старлетите наспроти образованите

Пред неколку дена по социјалните мрежи и во медиумите, па и во нашите, масовно се прошири говор кој (наводно) го одржала професорка на Филолошкиот факултет во Белград на апсолвентската вечер на нејзините студенти. Што е, а што не е во ред со него?

Говорот на професорката Рајна Драгичевиќ (тука) се прошири со брзина на мотивациски цитат на Коељо, но исто толку брзо почна да ниже критики. Во текст за Е-новине се анализираат добрите и помалку добрите страни на текстот, но и самото негово споделување, како засебен феномен.

Прво, исправните моменти. Образованиот систем навистина е во целосен хаос и демонстрира единствено дека дното е подвижно. Потоа, рушењето на мотивацијата кај луѓето ангажирани во просветата е важен проблем, а говорот го карактеризира и една сепак луцидна расправа за испразниот карактер на голем број нови професии. Конечно, на советите дека идните професори треба да го извлечат најдоброто од своите ученици, дека треба да го препознаат нивниот труд и слично, навистина нема што многу да му се приговори. Но, со советите за тоа дека треба да се сака својата земја и да се останува во неа, веќе нè имаат јавано. Учење на децата на патриотизам, тоа последно засолниште на битангите? Беше доволно за еден живот.

Од друга страна, наведениот говор е и општествено анахрон и индивидуално арогантен. На пример, до звањето професор всушност воопшто не мора да се стигне со упорна и вредна работа, како што се тврди во говорот. Има професори кои не ги сработувале своите домашни додека биле на факултет. А до сопствеништво на ресторани, фирми и приватни авиони - кои во говорот се ставаат во опозиција со професорлукот - може да се стигне преку ноќ, но и со исклучителна работа и труд. Одмерувањето на тие два типа на труд со јасна склоност кон првото може да ни годи, но тоа не го прави помалку незграпно. Потоа, упорно и самозаљубено се понижуваат речиси сите професии, а дури и часовите по српски јазик („главен предмет, прв во рубриката во дневникот") се издигнуваат над сите останати.

Во говорот се критикува праксата на промената на професијата („фолиранти кои менуваат професии како валкани чорапи"), во една прилично статична визија која не е во согласност со стварноста и барањето на современото општество. Професорите по марксизам, општонародна одбрана и самозаштита, според ваквите пораки, требаше да останат во своите чорапи, колку и тие да смрдат?

Секако, најдраматичен момент од говорот е повикот на „влегување во војна против сите старлети, спонзоруши, пејачки, манекенки, тајкуни и бизнисмени". Говоранцијата вели дека битките се водат во училницата и дека траат по 45 минути, значи тоа е стилска фигура и можеме да се релаксираме, но - војна? Од каде таа неодолива привлечност на оние подобро образованите од борбена висина да гледаат на оние кои тоа не се? Дали е тоа тој фамозен болоњски „додаток на дипломата"? Посебна тема е што говорот го карактеризира фундаментална логичка грешка: тој поаѓа од премисата дека образованиот систем е распаднат, а децата незаинтересирани, а потоа гради аргументи околу тоа дека само дипломата (на професорот) е важна, па дека оттаму само таа вистински го фаќа бога за тестис. Изгледа дека до часови по логика не се стигнало, од толку чување на „нашиот јазик и култура".

Во што е суштинскиот проблем или логичката грешка? Во тоа што наведениот говор всушност не зборува за образованието, туку прави попис на општествени проблеми од еден многу личен и тесноград агол. А и кога зборува за некакво школување, тој зборува за формата а не за суштината: како да се однесуваш пред другите, како наоколу да се делат патриотски и културњачки лекции, и како истовремено да го држиш и носот, и трајната високо. Можеби е тоа сосема во ред и соодветно за апсолвентска вечер - малку мотивација не е на одмет додека стегаат штиклите и паѓаат прерамките од прслуците. Суштината не е во наводниот автор на говорот, туку во многубројните ентузијастични споделувачи на овој текст кои со тоа порачуваат дека и тие делат такви ставови затоа што и самите се, ах, толку високо образовани. А тоа што се учело ноќта пред испит, се полагало со „бубици" и се частело заради шестка, тоа е помалку важно.

Иронично, но токму фамозните старлети, во пауза од читање на „Толстоевски" би потпишале ваков фин манифест на дипломата како средство за бутање прст во окото на другиот. Идеите како овие всушност се испразни бесмилици на „фините луѓе на Србија" кои, кога аматерски не го глумат Паоло Коељо или Ник Вујачиќ, разоткриваат длабоко затворена свест. Желбата за преобликување на светот исклучиво по сопствениот вкус и личното сфаќање на вредностите и културата, сосе желба за регрутирање на армија која ќе мисли исто.

(...) Меѓу младите луѓе кои доаѓаат на факултет треба да се разбуди непрекината желба да се прашуваат и да дознаваат, а не желба за делење лекции и посматрање на другите од висина. Филозофската поента е да се засака љубовта кон знаењето, а не кон професијата. Само тогаш дипломата има смисла.

Автор: Алекс Кишјухас

18 јули 2013 - 12:07