Цепки историја

Вук Караџиќ: „Некој ми го мазна есцајгот“

Историскиот архив на Белград објавува серија книги „Да се живее во Белград", кои содржат оригинална граѓа од фондот на Управата на градот. Воодушевени од содржината на документите кои се однесуваат на 19. век, ви пренесуваме само дел нив. 

Најголема посластица е преписката со полицијата на Вук Караџиќ, големиот српски реформатор, филолог и фолклорист, кој е длабоко загрижен заради тоа што од куќата почнува да му снемува- сребрени лажици! Следно е вознемиреното писмо на позната белградска глумица,вознемирена од неморалот во нејзината зграда, како и пријава на локална бајачка, со детален список на предметите пронајдени во нејзиниот стан, која ја пренесуваме во целост и покрај повторувањето на некои ставки. Се обидовме да ги запазиме и на места архаичниот говор и специфичниот стил на авторите.

Би сакала да верувам дека некој, некаде, ги собира и за идните поколенија внимателно ги чува претставките кои ние денес им ги праќаме на нашите власти. Многу повеќе од историските читанки, тие ќе можат да ја раскажат нашата алтернативна историја, на граѓански маки.

Пријава на кражба на три сребрени лажици од куќата на Вук Ст. Караџиќ

Белград, 25. септември 1861. бр. 887

До Полициското одделение Врачар

Пред едно осум дена од моите простории исчезна една сребрена лажица за јадење, па се мислеше дека е некаде зафрлена и дека ќе се најде, но не се најде; два дена подоцна повторно снема една мала лажица кафена од кинеското сребро; следниот ден исчезна и трета. Од тоа се гледа дека сите тие лажици мора некој да ги украл, и дека тој крадец се наоѓа в куќи.

Јас имам две слугинки кои веќе одамна доаѓаат кај мене и кои никогаш од куќа не излегуваат, така што тие сигурно не ги зеле, туку најголемата сомнеж паѓа на мојот момок Милан и на еден солдат Тодор кој, како пријател на мојот син капетан Димитрие Караџиќ секој ден на ручек и на вечера во кујната доаѓа, и таму подолго време се задржува; освен тоа Милан и Тодор многу добро од пред некое време живеат и еден на другиот често си доаѓаат.

Дршките од лажиците сребрени се онакви како што е назначено во приложената фигура: на една страна марка од среброто, а на другата W.K. Сите три лажици ќе вредат околу 4-5 дукати.

За Тодор неговата власт веќе ги превзема сите нужни чекори, а за Милан ја молам полициската власт истото тоа да го направи.

Вук Стеф(ановиќ) Караџиќ

Молба на славната глумица Милка Гргурова Управата за внатрешни работи да ù помогне околу преселувањето бидејќи станодавецот не ù обезбедил мир и приватност

Белград, 23. ноември 1875.

Милка Гргурова, овдешна глумица, дојде кај Управата, па рече: Седам во куќата на Васиљко Дамјановиќ кај „Чукур чешма". Во истата куќа има голем број семејства, и секое има своја слугинка. Кај овие слугинки доаѓаат нивните момцишвалери - па така по целата куќа се прави лом и станарите во неа се постојано вознемирени...

За тоа да се избегне, јас му предложив на газдата, покрај останатите услови за мојот конфор, вратата да се затвори и да намести вратар кој по потреба ќе ја отвара и ќе ја затвара ноќе, за така да се застане на пат на доаѓањето на коекакви пробисвети и на нередот кој по повод нив се случува во куќата.

Ова газдата не го исполни, како ни останатите услови помеѓу него и мене.

Освен тоа, слугинките ги побунија нивните момци против мене, па така не можам мирно и без опасност навечер од театарот да дојдам дома од нив.

Според ова, мене не ми е возможно да останам тука, а и не знам кој и би можел да остане во толку несигурен стан, па му јавив на газдата дека сакам да се селам, а во исто време му го доставив и на Квартот дорќолски овој случај, но тој не сакаше да ми учини ни такво задоволување.

Газдата ќе ја одобри селидбата, но бара шестмесечна кирија. Јас ова не сакам да го платам, затоа што мислам дека не морам.

Согласно тоа, ја молам управата оваа работа помеѓу мене и газда Васиљко да ја испита, па јас да се иселам, а најназад, што се однесува до тоа дали морам шестмесечната крија нему да му ја платам тоа е судска работа, и судот ќе каже дали морам или не.

Милка Гргурова

(во одговорот од органите се вели дека како реакција на жалбата ù е издадена наредба на жандардмериската патрола да го посетува станот на г-ѓа Гргурова, и патрола една ноќ фатила двајца слуги кај нејзината слугинка, па сите тројца ги привела, и тие се казнети како за скитање, така и затоа што се карале, вревеле и 'полупали прозоре')

Случајот на Радојка вештерката

Белград, 11. фебруар 1898.
Врачарски кварт

До господинот управник на град Белград г-дин Ристо Бадемпиќ

Господине управник,

Чест ми е да го доставам следново: дознав дека од пред извесно време, Радојка, жена на Цветко Ивановиќ, ковач, со стан на ул. Крал Александар бр. 42, се занимава со магија и гатање како занает, и дека на тој начин прави разни ујдурми кон многубројното граѓанство кое секојдневно доаѓа кај неа. Тоа ме поттикна денес да одредам чиновник кој, со решение в рака, отиде во станот на споменатата Радојка, и во него изврши претрес. Притоа кај неа се најдени различни предмети во течна и цврста состојба, како и разни лекарства. Сите сомнителни предмети се одземени, а оние кои по својот изглед раѓаат сомнеж дека се отровни, се испратени на хемиска и микроскопска анализа.

За подобро да Ви ја претставам оваа жалосна појава која, ако не се загуши на време, би имала многу лоши последици за народот, како во материјален, така и уште повеќе во морален поглед - јас ќе Ве оспособам пред очите да имате преглед на сите најдени предмети - следни:

1. една свилена марама во која се наоѓаат разни корења од разни треви:
2 едно валкано парче ткаенина;
3. еден вшиен прамен женска коса - краток;
4. еден мал пакет во кој има памук премачкан со маст од човечки уши;
5. едно марамче со перли;
6. една сува опашка од риба;
7. една дршка од ќилибарна муштикла;
8. четири шпила од разни помали и поголеми карти;
9. една кутија со рибина маст;
10. една амајлија со оваа содржина: амајзен гајст. Хирш Хорн гајст. Салмијен гајст. Реген вурн Ел. Тамен Цаперен Ел;
11. еден фишек барут;
12. едни ножички со клуч;
13. разни ситни камења и коски;
14. два черепа од некои животни;
15. еден котур восочни свеќи;
16. три разни клучиња;
17. разни конци;
18. еден лилјак во кутијка;
19. една кутија со разни смеси;
20. една кутија со црна земја;
21. една крпа и во неа сув лилјак;
22. една крпа во која се заврзани разни лепешки;
23. една амајлија сошиена;
24. два учкури од гаќи;
25. една хартија во кojа има женска коса и други нешта за магија;
26. мал прамен коса;
27. еден синџир со клуч;
28. еден чорбалук со разни корења и камења;
29. една шоља со разно месо и коски;
30. еден град во кутија;
31. три врзопи суви смокви;
32. една лимена кутија со две прегради во неа: ореви цели и толчени, суви сливи, јаболки, костени, грав и разни коски од разни животни;
33. три разни шпила карти;
34. една лимена кутија со 2 јајца и разни камења и треви;
35. еден рецепт со оваа содржина: 50 пара запарила, 20 гр камил теј, 20 гр фата, 30 пара динарски карбон зејтини (?? - забел. прев.)
36. едно шише од 1000 грама некоја црна течност;
37. едно шише со бела лековита вода;
38. една фотографија на мртва стара жена потпрена на ѕид и замотана во бел плашт;
39. една кутија со коска;
40. една коска;
41. една лимена кутија со разни копчиња;
42. една ќеса со разни ситни коски и треви;
43. едно црвено крпче со разни корења;
44. едно пакетче стипса;
45. една дрвена амајлија;
46. една шуплива коска;
47. една кутија ситна трева;
48. еден чаршаф, бел.

Сите овие предмети служат како орудие во нејзиниот занает. Со оваа бајачка ќе постапам строго по законот.

Понизен,
Анто М. Љотиќ