Добар дил

Врати глупа книга - добиј ја пародијата

Ако сте ја купиле „50 нијанси сиво", па уште и продолженијата, а не ви се допаднала, исто ко и нам, еве начин како да се отарасите од неа со фино.

Издавачката куќа O/R Books на својата веб-страница објави дека на првите 50 кои ќе го испратат нивниот примерок на „50 нијанси сиво" ќе им возвратат со бесплатна копија од „50 нијанси на Луиза Меј" - една од подобрите пародии на еротскиот роман на Е. Л. Џејмс. Разликата е што во оваа верзија главна личност не е Анастасија Стил, туку Луиза Меј Алкот, авторката на познатата „Женички" од 1868, сага за четири сестри и нивниот тежок живот во 19-вековна Америка.

„Луиза Меј Алкот, другарка на Емерсон, Торо и Хоторн, сакана икона на професорите по 19-вековна американска книжевност и веројатно помалку сакана од легија студенти, има и страсна страна која е помалку академска, и по...трансцедентна од онаа која сите ние ја знаеме" - пишува издавачот. Според него „50 нијанси сиво" е „кошмарна, одвратна проза", особено заради фактот што нема ни слики. За разлика од неа, во „50 нијанси Луиза Меј" има илустрации од еротски дрворези.

Понудата важи до 5. октомври. Можеби примаат и примероци на македонски...

22 септември 2012 - 09:23