„Воскреснатиот“ Џејмс Дин ги налути актерите

Славниот холивудски актер не е жив веќе 64 години. Но (како што пренесовме тука) ова не било пречка тој да добие улога во нов филм за Виетнамската војна. Веста предизвика лавина критики.

Продуцентите на независниот филм „Потрагата по Џек“ вчера, 6.11, сооштија дека компјутерски генерираниот Џејмс Дин ќе игра една од главните улоги во најавениот филм. Дигиталниот лик ќе биде моделиран со користење стари снимки и фотографии, а гласот ќе му го позајми друг актер.

Компјутерски манипулираните постхумни глумења на филм веќе постојат, но тоа се главно улоги кои актерите веќе ги имаат играно, како на пример оние на Кери Фишер и Питер Кушинг. Тие заедно играа во „Војна на ѕвездите“, а потоа, по нивната смрт, беа вградени во „Рог уан“ од 2016.

Но оваа вест за Џејмс Дин наиде на широка критика. Еден од оние кои ги нарече овие планови погрешни и знак на непочитување беше Крис Еванс од „Капетан Америка“. „А да земеме компјутер да ни наслика нов Пикасо? Или да ни напише нови Џон Ленон мелодии?“, напиша тој на Твитер. „Ваквото целосно отсуство на разбирање на нештата е срамно“.

И Зелда Вилијамс, чиј починат татко Робин Вилијамс го има ограничено користењето на неговиот лик, напиша: „Без оглед дали е ’патка’ или не, ова е пример на користење на мртвите како марионети само заради нивниот изглед, и претставува грозен преседан за иднината на изведбите“. Илајџа Вуд се придружи на критиките, со „НЕ. Ова не смее да се случи.“

Правата за манипулирање со ликот на Дин продуцентите ги добиле преку CMG Worldwide. Оваа компанија го претставува семејството на Дин, заедно со правата на интелектуална соптсвеност на други починати славни личности, како Нил Армстронг, Бет Дејвис и Берт Рејнолдс.

Извршниот директор на оваа компанија бара оправдување во ставовите на Дин за тоа дека „ако човек не живее по смртта тогаш не бил голем човек“ и дека „бесмртноста е единствениот вистински успех“. Додава и дека секоја година во Индијана се одржува фестивал на Џејмс Дин во чии рамки се одржува и натпревар за двојници, па оттаму и не би било тешко да се најде некој кој навистина личи на него.

Планираниот филм се однесува на напуштањето на повеќе од 10,000 воени кучиња на крајот од Виетнамската војна. Дин, кој почина на возраст од само 24 години пред почетокот на војната, би требало да игра лик по име Роган. Снимањето би требало да започне на 17 ноември.

Во меѓувреме еден друг Џејмс Дин глава не крена од работа (NSFW:)

Претходно на слична тема:

„Преку нив мртви“

Салвадор Дали воскресе - вистина воскресе

Концерт на Марија Калас како холограм

7 ноември 2019 - 18:51