Кампања на Bic

Во потрага по универзален ракопис

Производителот на славното пенкало (она проѕирното, со капаче) се обидува преку неговиот сајт да собере доволно ракописи за да создаде „универзален“ фонт. Секако, сè што се прогласува за универзално а е поврзано со културата, во себе содржи можни стапици. Но во случајов пораката може да биде баш корисна.

BIC е позната по легендарното пенкало од 1950, кое влезе дури и во постојаната збирка на Музејот на современа уметност (МоМА). Но иако изгледа дека безвременскиот класик не може да биде подобрен, фирмата лани го промовираше Cristal Stylus, нов модел со кој од едната страна можете да пишувате на хартија, но другиот врв да го користите за кликање на екрани на допир или за дигитално цртање. 

За да помогне во промовирањето на новиот производ, BIC неодамна започна кампања која има пошироко значење од само продажба на некакво пенкало - потрага по универзален фонт. Universal Typeface Experiment е фонт кој постојано еволуира, а се создава алгоритамски, преку упросечнување на илјадници примероци ракописи кои се испраќаат на сајтот на компанијата. Секој кој има екран на допир може да придонесе кон проектот, со поврзување на телефонот или таблетот со веб страницата и пишување директно на него.

Во моментов на овој начин се собрани 400,000 примероци од целиот свет. Она што изненадува е дека во моментов просечниот ракопис е некако...здодевен. Излегува дека она што го сметаме за знак на индивидуалност, кога ќе се собере на куп и од него ќе се извлече НЗС изгледа како ракопис на дете од основно. Не помагаат ни категоризации според тоа која рака се користи, или кој пол ги пишува буквите, како ни професијата на пишувачите - сето тоа делува чудно слично.

Но иако добиениот фонт се промовира како „универзален", не е баш јасно зошто тоа мора да биде латиницата, и тоа онаа која се користи во англискиот? Дали се смета за релевантно ако оној кој го испратил својот ракопис всушност латиницата ја користи ретко, бидејќи постојано пишува на арапско писмо, со кинески идеограми или на кирилица? Дали е во „универзалниот" ракопис влегуваат само оние чии сопственици имаат пристап до најнова тачскрин технологија?

Како и да е, идејата е интересна, особено што на крај ќе излезе дека тука и нема некоја голема филозофија. Просечните ракописи не се разликуваат многу ни помеѓу мажите и жените, ни помеѓу националностите, ни помеѓу професиите. Така, ова може да биде добар начин светскиот мир да се промовира преку - типографија

21 јули 2014 - 17:08