Букбокс гледаше

„Во главата на Луин Дејвис", или што значи мачката?

Ако пред-дилановската сцена на Гринич Вилиџ не ви прави мерак, и ако саундтрак сам по себе не ви е доволен за да прогласите некој филм за добар, тогаш овој не е за вас. Единствено може да помогне ако сакате мачки.

Луин (Оскар Ајзак) е музичар со судбина слична на многумина кои се обидувале да си го најдат патот во Њујорк на почетокот на шеесетите. Во студената зима на 1961 тој преспива по пријатели, ѕемне во сомотско сако без капут, и главно не знае што прави, скршен од смртта на неговиот доскорешен музички партнер Мајк, кој се самоубил, нетипично фрлајќи се од Вашингтон бриџ (обично тоа самоубијците го прават од Бруклинскиот). Заглавен во момент во историјата кога неговата музика никој не ја препознава ниту цени, со кутија полна непродадени плочи, тој едвај излегува на крај со луѓето околу него: мрчаторски настроената сестра, сенилниот татко, затруднетата љубовница, но и луѓето кои сакаат да му помогнат, кои како уште повеќе да го дразнат со нивната добрина. 

Најголема грижа, за чудо, покажува кон еден мачор со симболично име Одисеј. Кога во момент на невнимание на Луин портокаловиот мачор ќе избега од станот на родителите на Мајк, кои се едни од ретките кои го тинтраат другарот на нивниот починат син дозволувајќи му да преспива на каучот, Луин прави сè за да го најде и да им го врати. Сцените во кои тој се вози со метро со мачоров на рамо се едноставно прекрасни, и за оној кој чувал мачки е неверојатно како Одисеј е толку спокоен со сета таа врева. Можеби знае дека неговиот лик е клуч за толкувањето на оној човечкиот, кој исто така се обидува да се врати „дома" и од својот еден пропаднат живот да направи осум нови. Плус, откако во првата сцена ќе го видите со мачорот во прегратка на Луин до крајот на филмот му простувате што е кретен, и тоа според одамна разработена сценаристичка шема. Блејк Снајдер, познатиот холивудски сценарист, во неговиот бестселер „Спаси ја мачката!: Последната книга за пишување сценарио која некогаш ќе ви биде потребна" го вели токму тоа, дека кога публиката ќе се запознава со главниот филмски лик треба ѝ се понуди сцена која ќе направи таа да го засака и да се фати на таа емоционална јадица. На пример со тоа што тој ќе спаси мачка, токму онака како што тоа го прави Луин.

И сега, кога и ние се тресеме од студ заради него, со надеж го испраќаме до Чикаго во кола со двајца лудаци (од кој едниот е Џон Гудман, во епизодна но одлична улога на џез музичар навлечен на некоја дрога), за да појде на аудиција кај влијателниот сопственик на клубот Gate of Horn. Во антологиската средба помеѓу него и менаџеров (игран од Ф. Мареј Абрахам, иронично истиот кој го играше Салиери во Амадеус), Луин одлучува да му ја исвири најтажната песна на свет, фолк баладата за смртта на кралицата Џејн на породување. И додека вам ви доаѓаат солзи на очи и сте сигурни дека ова е моментот на филмски пресврт, после кој Луин ќе стане Дилан пред Дилан, мртво студениот Абрахам вели: „Не гледам пари во ова". Луин стоички ја прифаќа пресудата и се враќа во Њујорк, повторно почнувајќи го затворениот круг на неговиот неуспех.

Голем број ликови и референци во филмот се од реалната њујоршка фолк сцена од шеесетите. Ликот на Луин е всушност инспириран од Дејв Ван Ронк, „поручникот од улицата МекДугал" како што гласел неговиот прекар и како што се вика и книгата врз основа на која браќата Коен го направиле филмот. Морнар на трговски бродови, и тој имал мака да си го најде местото во времето пред неговото време. Настапувал по клубови, свирејќи акустичен фолк, блуз и госпел и дружејќи се со Дилан и Џони Мичел. Неговата „Кокаин" го инспирирала Ерик Клептон, кој прилично слободно се „послужил" со неа за сопствениот хит.

Но некои детали од биографијата на Ван Ронк во филмот ги нема. Негов препознатлив знак кога настапувал била керамичка стомна со ирско виски Tullamore Dew која постојано стоела до него. Со години се плашел да лета и никогаш не научил да вози автомобил (за разлика од Луин кој вози). Уште поважно, многу повеќе од Луин тој бил политички активен и приврзан кон анархо-социјалистичките идеи, членувајќи во синдикалната организација Индустриски работници на светот до смртта. Ова е само начнато во филмот, но за да го чуете и разберете треба навистина да имате добро уво: кога Луин очаен од музичкиот неуспех се обидува да си ја добие синдикалната карта која ќе му овозможи повторно да плови, службеникот го прашува дали е комунист. „Шахтманист?", дополнува тој многу тивко. Макс Шахтман, американски марксист и теоретичар, бил водач на група која се одвоила од троцкистичкото движење во 1940, свртувајќи кон социјал-демократијата. Седиштето на неговите приврзаници во Њујорк било токму во Гринич Вилиџ.

И премногу напишавме за филм кој вреди пред сè заради неговата музика, која главно е изведена во живо од самите актери. Уживајте!

Inside Llewyn Davis - Five Hundred Miles



Inside Llewyn Davis - The Death of Queen Jane 

29 јануари 2014 - 09:42