Букбокс гледаше

Vive la France! (2013)

Aко сте го гледале Борат (а сте го), тогаш филмов нема да ви биде нешто. Ама тоа што сатирата овој пат е насочена не кон САД, туку кон Франција, е доволна за европски сеир.

Не е Казахстан, туку Табулистан, и не е Борат туку се Феруз и Музафер. Измислената енклава се наоѓа помеѓу Авганистан, Узбекистан и Таџикистан, и единственото нешто со кое може да се пофали е дека го измислила табулето. Во момент кога овој единствен вреден културен артефакт си го присвојуваат Либанците (пример како кога Словенците го брендираа нашиот ајвар), диктаторот на земјава смислува генијален план како таа повторно да стане атрактивна за туристите.

Под етикетата на „комерцијален тероризам", тој подготвува акција во која двајца негови сограѓани би удриле со авион во Ајфеловата кула. Но кога авионот заради штрајк наместо во Париз се пренасочува на Корзика, самите патници од нервоза креваат бунт, што го спречува и онака аматерискиот терористички вод во неговата намера, и целата приказна свртува во друг правец.

После триста перипетии, кои вклучуваат постојани културолошки недоразбирања, па дури и по грешка изваден бубрег, на крај Музафер се обидува самиот облепен со динамит да ја крене кулата во воздух, но во последен момент се откажува, не можејќи да ја поднесе помислата дека би ги убил стотиците луѓе и нивните деца кои во тој момент се шетаат околу неа. И не само тоа - тие двајцата спречуваат друг Табулистанец кој е испратен да види што прават „колегиве" толку време во Франција, да ја активира својата бомба. Феруз се обидува да ја фрли во Сена, но по грешка место неа в река ја фрла торбата со неговиот спасен бубрег. Така загинува, но француската влада го одликува како херој, а другар му останува да живее среќно и весело во Франција, неговата нова татковина, каде се е убаво, освен што не смееш да ги тепаш жените, а тие смеат да ти мрчат.

Иако не е кој знае колку смешен, филмот е добра сатира на сè што е француско - од национализмот на Корзика, локал патриотизмот на Марсеј наспрема „градот на светлината", на стереотипниот ménage à trois во кој запаѓаат двајцава суртуци со девојката која се обидува да им помогне, а која верува дека тие двајца се геј, па до корумпираното француско здравство и полицијата. Најсмешниот момент сепак е оној во кој на учесниците во акцијата им се доделуваат кодни имиња. Феруз станува Јаник Ноа, Музафер Мишел Платини, а главниот на акцијата самиот си го става името на - Мишел Уелбек! Ова толку нè освежи, што сепак ни беше мило што го погледнавме филмот кој е млака верзија на Борат, со меко р.

26 февруари 2014 - 14:56