Букбокс гледаше

„Витезот“ (Chevalier, 2016)

Каков филм да претставиме после избори, ако не таков во кој се работи за еден многу важен избор - кој е најдобриот маж.

Грчкиот филм во последниве години како да живнува, парадоксално со оглед на тоа низ што сè им поминува земјата, или токму како одговор на сите политички и економски превирања кои (за среќа, или за жал) се секогаш добра „храна“ за уметност.

Името на Јоргос Лантимос (за чиј „Јастог“ пишувавме тука) притоа засенува и некои други интересни режисерски појави. Атина Рахел Цагари, продуцент на сите три филмови на нејзиниот (засега) пославен колега Лантимос, сценаристка, актерка и режисерка, оваа година го направи својот трет филм, кого особено го препорачуваме за гледање на - 8ми март.

Слично како во „Совршени странци“, приказната се однесува на неколку луѓе, нивните карактери и меѓусебни односи кои излегуваат на површина откако тие, затворени во мал простор, што од досада, што од љубопитност, почнуваат да играат ризична игра.

Шесторицата мажи на различна возраст, главно околу четириесетите, се на брод на очигледно богат лик, најстариот помеѓу нив, по професија доктор. Нуркаат, ловат риби, се фрлаат голи од карпи, се сончаат на палубата и генерално фино си поминуваат. Во моментот кога веќе наближуваат кон Атина се договараат не, како до тогаш, да играат нешто во кое некој од нив ќе биде најдобар во една работа, туку да се натпреваруваат кој е најдобар од нив генерално. Тоа подразбира бодови за сè и сешто - од тоа колку пати некој ги мие забите, преку тоа во колкава куќа живее, до како го пие кафето и дали добива редовни утрински ерекции.

Сите шесторица (кои патем на Сараевскиот фестивал добија групна награда за главна улога) многу сериозно го прифаќаат предизвикот, кој на моменти има комични, а на моменти меланхолични тонови. Мажите си ѕиркаат едни на други под чаршафите за да видат кој спие по боксерици а кој гол, се натпреваруваат кој побргу ќе склопи шифоњер од Икеа, се поткажуваат меѓусебно доколку откријат слабост кај конкурентот (на пример ако не знае како се карамелизира оцет балсамико), а во најсмешната сцена од филмот еден од нив шета гол по бродот и ги буди останатите за да им покаже дека му е кренат. Докторот дури им вади и крв за да се види како стојат со холестеролот и шеќерот. За да ја довршат играта тие остануваат закотвени во атинското пристаниште неколку денови подолго од планираното.

По пат дознаваме по нешто за секој лик поединечно, за нивните стравови и начини на манипулација со останатите. Но површноста во градењето на ликовите е веројатно намерно, за да ни отслика генерален, збирен лик на современиот Маж и статусните симболи и вредности согласно кои се проценува неговата „успешност“. Здраво и навежбано тело (со главен претставник на оваа тема Сакис Рувас, кој пееше за Грција на Евровизија и неговите заносни стомачни мускули), интелигенција, сексуална моќ, истенчен вкус, хигиена, почит кон семејството и работни навики, е она што некого според филмот го дефинира Мажот на 21 век. И она што истовремено му врши постојан притисок, за да биде најдобар во сите овие нешта, особено пред неговите непосредни конкуренти - неговите најблиски колеги и пријатели, со кои е во ист „брод“.

Тоа што филмот го има напишано и режирано жена дава посебен шмек, како и фактот што тој зборува за посебен подтип мажи - Грци (читај: балканци). Има тука и хомоеротски сцени, и моменти на лажна или вистинска субмисивност помеѓу мажите, но работата за чудо никогаш не излегува од контрола. Кога во истата ситуација би биле ставени шест жени, не можеме да замислиме верзија во која не би имало барем кубење коси.

Можеби ќе преанализираме, но има еден момент во филмот кој излегува од сатиричната критика на „мачо“ културата, и завлегува во малку поширок социјален, то ест класен контекст. Додека богативе си натпреваруваат, тројцата од посадата на бродот (капетанот, келнерот и готвачот) некаде под палубата исто така си водат статистика за бодовите и се обложуваат за своите гости. Но на крај излегува дека тие целото тоа време се оценувале и меѓусебно, според истите критериуми. Така, светогледот на високата класа бели, образовани мажи и вредностите кои тие ги промовираат се спуштаат „надолу“, станувајќи репер за успешноста и на сите други мажи, кои (буквално и фигуративно) се обидуваат да се искачат скалило погоре на синџирот на исхрана.

„Јас сум најдобриот“ мантра Сакис пред огледало во еден момент од филмот, за да си ја прикрие несигурноста. На крај режисерката не ни покажува кој точно го добива прстенот, но тоа и не е важно. Мажите заминуваат од бродот задоволни, што „најдобриот генерално“ е сепак - маж.

12 декември 2016 - 09:08