Вистинските бројки зад влијанието на владата на САД врз холивудската продукција

Нова книга покажува дека oткако постои американска кинематографија над 800 филмови биле видоизменети согласно барањата на американските владини агенции. И тоа е само дел од приказната.

Владата на САД и Холивуд отсекогаш биле блиски - не само затоа што политичарите се одличен извор за интригантни заплети за филмаџиите, туку и затоа што гламурот на филмскиот свет одлично ѝ лежи на политичката класа. Но колку се реално поврзани овие два центра на американско влијание? Една нова анализа на претходно недостапни документи вели: многу.

Се работи за нова книга под наслов „Кино национална безбедност: шокантни нови докази за владината контрола врз Холивуд“. ЦИА и Пентагон, според неа, директно влијаеле врз осумстотини играни филмови и илјадници телевизиски серии. Тоа го правеле преку директни интервенции во сценаријата мотивирани од политички причини, меѓу кои и блокбастери како Трансформери, Аватар и Терминатор. Овие интервенции резултирале со ставање под тепих на голем број значајни наративи како на пример нелегалната продажба на оружје, владиното третирање на малцинствата и тортура по затворите.

Самата ЦИА до 1960-тите по секоја цена се трудела да го скрие своето постоење, што значи дека била целосно отсутна од телевизиската и кино култура, а кога пак се појавила често била прикажувана како „лоша“ (на пример во „Трите дена на кондорот“ и др.). Кога ЦИА почнала да меша прсти во градењето на сопствениот кинематографски имиџ тоа резултирало со попозитивна слика (како во The Recruit со Ал Пачино или филмот за убиството на Осама, Zero Dark Thirty). Една од најнеобичните промени која ја барала Агенцијата била во врска со комедијата „Запознај ги родителите“ (Meet the Parents) - ЦИА признала дека побарала ликот кој го игра Роберт де Ниро да не поседува голем број прирачници за тортура во нејзино издание. Вакви примери има многу, и во нив се вмешани и други американски владини агенции, како Пентагон, кој на пример барал промена на сцени во „Контакт“ со Џоди Фостер.

Книгата е независно издание, а некои од ставовите звучат како авторот да е некој опседнат со теории на заговор и слични теми. Можеби е и така, но човекот е истовремено и доктор на науки и предава на Унвиерзитетот Бат во Англија. Неговата докторска теза се однесувала на врската помеѓу теориите за пропаганда на Чомски и холивудската кинематографија. Објавена е како во книга во 2010, и како куриозитет, до сега е преведена само на кинески.

Извор: Salon

12 септември 2017 - 20:00