Вистинскиот „повратник" или приказната за Хју Глас

„Човек, ѕвер, светец, маченик, дух" - вака го опишува Инариту главниот лик во неговиот филмски еп, човекот кого историјата го памти како Хју Глас, а американскиот фолклор како супер-херој.

„Повратник" е правен врз основа на роман на Мајкл Панк под истиот наслов од 2002. Но приказната на вистинскиот Глас е раскажана во претходна книга, „Патеката Орегон", историја на американскиот Запад од 1939.

Во 1822 Глас, кој тогаш имал 41 година, се пријавил на оглас, и на повик на генералот Вилијам Ешли се придружил на група од сто луѓе (позната како „Ешлиевите сто") која требала да утврди нова, безбедна патека за трговија со кожи. Во 1823 додека она што останало од дружината откако повеќето биле убиени од Индијанците, патувала по Мисури во денешна Јужна Дакота, Глас бил нападнат и повреден од мечка со три мечиња. За да се разбере силата на еден гризли, книгата илустрира:

„Тоа е едно од најопасните животни на светот. Некои коцкари од Сан Франциско одамна го докажаа тоа, кога наместија борба помеѓу гризли и тигар - тигарот бил мртов за неколку секунди".

Глас не умрел, но неговите сопатници не можеле да го м'кнат со себе, ниту пак да чекаат дур тој умре за да го закопаат. Исто како во филмот, само двајца останале за него за надомест од 80 долари (доста пари во тоа време), но по пет дена и тие го напуштиле, земајќи ги со себе сите негови предмети, меѓу кои и пушката. Но за разлика од филмот историјата не памти дека Глас имал син со Индијанка којшто го придружувал на патувањево, чиешто убиство од страна на неговите сопатници станува клучна причина за неговата одмазда.

Следи опис на неговото патешествие, така искасапен и без никаква опрема, 320 километри (види мапа) до првата американска населба Форт Кајова, кое звучи како житие или бајка - за да преживее јадел живо месо, корења и бобинки, се бркал со волци, бегал од индијански стрели и често бил единствениот преживеан од некој колеж. За да спречи гангрена ставал ларви околу раните кои го јаделе мртвото месо.

По деветмесечна натчовечка борба со природата и со самиот себе тој ги пронашол оние кои го напуштиле. И тука филмот и реалноста се рачваат - вистинскиот Глас веќе немал сила за одмазда. Многу бргу повторно се вработува како ловец, за подоцна да умре во рацете на Индијанците Арикара, на возраст од 53 години.

(новински текст за Глас од 1922)

Назад кон филмот, за Инариту ова сепак не е ниту историски ниту „обичен" авантуристички филм, туку духовна драма поврзана со сеќавањето (remembering) за коешто режисерот нуди интересна етимологија - re-membering, како кога ќе загубиш член од семејството, дел од твоето тело, дел од сеќавањето, па се обидуваш повторно да го составиш, и на тој начин да зацелиш и да оживееш.

Филмот е сниман девет месеци во Британска Колумбија и во Алберта, на далечни локации до кои се стигнувало со по два часа возење дневно, на температури и до -40. Користена е само природна светлина, а Инариту инсистирал да се работи во услови кои не се разликуваат многу од оние со кои се соочувале ликовите. Во текот на снимањето тој беше обвинуван за макијавелистички однос кон филмската екипа, негрижа за нивната безбедност и бескомпромисност. „Кога на крај ќе го видите филмот ќе речете УАУ!", одговори тогаш на обвинувањата.

И навистина - уау!

18 јануари 2016 - 10:45