Кога животот ја надминува фикцијата

Словенечкиот изумител кој им избегал на нацистите

Петар Флорјанчич, словенечкиот изумител кој почина минатата недела на возраст од 101 година, тврдел дека Хичкок би платил големи пари за да ја филмува неговата животна приказна.

Бил олимписки атлет, филмски актер, писател и пријател на богатите и славните. Но сепак неговата опсесија биле секојдневните нешта - како животот да се олесни, и истовремено да се живее со стил. Иако името не е му е широко познато, неговите изуми се користат во милиони домови.

Петар Флорјанчич се родил на Блед во 1919. Повеќето од хотелите таму биле во сопственост на неговото семејство. Локалниот замок бил на вујко му, а дедо му ги поседувал хотелот Триглав и хотелот Унион. Практично цел Блед бил нивен. Оттаму, во детството имал можност да се сретне со различни славни ликови кои престојувале таму. Еднаш дури и ја пречекал југословенската кралица, за која свирел хармоника облечен во народна носија.

Тогаш почнал и да измислува различни помагала, како некој вид ракавица за бришење пот, која ја направил кога имал шест години. Децата по цел ден се валкале во трева и во кал, лицата им биле валкани, па тој исекол чорапа, направил еден вид крпа-ракавица и со тоа си го бришел лицето пред да се врати дома.

Флорјанчич бил исто така талентиран спортист-скијач. На 16 години станал најмладиот член на југословенскиот олимписки тим кога се натпреварувал во скијачки скокови на зимските игри во Германија во 1936. Тоа се истите оние отворени од Хитлер, а откако го завршил натпреварувањето Флорјанчич се ракувал со Хајнрих Химлер и други високи функционери на нацистичката партија.

Но ова ракување не било последниот допир со режимот. Голем број Словенци биле регрутирани во германската армија во текот на Втората светска војна, па и Флорјанчич бил испратен да се бори на рускиот фронт во 1943.

Бидејќи не му паѓало на памет да војува, дезертирал и избегал во соседна Австрија под изговор на скијачки викенд. Бил бркан од Гестапо па заедно со пријател ја исценирале нивната смрт во лавина на падините на планината Ханенкам. Планот успеал. Подоцна дознал дека неговиот пријател бил всушност американски шпион.

Избегале во Швајцарија, но нивните семејства не биле информирани за ова, поради нивната безбедност. Флорјанчич добил азил во бегалски камп во Берн, и токму таму го направил својот најголем изум - дрвена машина за ткаење која можела да се користи и од лица со хендикеп, како ранети војници. Го продал патентот за 100.000 швајцарски франци што тогаш било доволно да се купат три луксузни куќи.

Со ова почнал неговиот гламурозен живот, во Давос и Цирих, каде ја спретнал и сопругата Верена, манекенка и актерка. Во 1946 тие со ќерката заминале за Монте Карло на краток престој, но останале повеќе од 13 години. Покрај хотелскиот базен се запознале со Илхами Хусеин Паша - близок соработник на египетскиот крал Фарук, што довело до пријателство и финансиска поддршка на неговите изуми. Еден од нив го користиме и денес - спрејот за парфем, пред кого течноста била прскана преку цевче поврзано со голема гумена топка. Тој ги набљудувал жените околу себе, забележал дека кога сакале да се прскаат ваделе „цела бензинска пумпа“ од дамските чанти и решил да им олесни.

Во Монте Карло минувал време со Френк Синатра, Орсон Велс, Салвадор Дали, Коко Шанел и младата Одри Хепбрн. Дури се појавил и во филмот „Приказната за Монте Карло“ од 1957, седнат на иста маса со Марлен Дитрих (на сликата најдесно).

„Бев на вистинско место во вистинско време“, изјавил. „Секогаш беа заинтересирани за мојата приказна за бегството, која ја раскажував по сто пати“.

Во Словенија е излезена и негова биографија од авторот Едо Маринчек. Во неа има дополнителни детали, како тоа дека Флорјанчич имал пет државјанства, 43 автомобили и најдебелиот пасош на светот. Минал 25 години по хотели, четири години во автомобили, три години во возови, и по година и пол во авиони и на бродови. Меѓу другите негови изуми се пластични лизгалки за на мраз и пластични рамки за фотографии. Ја изумил и запалката која се пали од страна, а која е користена во бројни филмови со Џејмс Бонд. Генерално на негово име се водат 400 патенти од кои 41 реализирани. Помеѓу неуспешните има и еден од 1957, за воздушно перниче. Тој не можел никако да го среди постојаното „експлодирање“ на перничето и се откажал. Исто така се откажал од пластичниот патент, кој кога ја испеглале јакната на која го сошиле се стопил. Веројатно имал попаметни работи.

Секако, ова биле незабележителни неуспеси во пошироката преуспешна приказна. Во 1998 се вратил на Блед, а на 90 години велел дека нема намера да престане да работи, и да го промовира изумителството помеѓу младите. Почина минатата недела, на 101 година, по се изгледа среќен и исполнет.

извор