Клот-фркет со став

Вагинално плетење

Таман на време за празниците и за студовите кои следат, еден малку порадикален метод на изработка на шалчиња, ракавици и пуловери. Ако сте женско, сè што ви треба е волница и игли. Друго си имате.

Перформативната уметност си има и своја смисла и функција, и е особено податна како медиум за деконструирање стереотипи и детабуизирање на традиционално чувствителни теми. И кога мислите дека на полето на женските гениталии и женското тело воопшто после „Балканскиот еротски еп" на Абрамовиќ, перформансот во кој публиката сечеше делови од облеката на Јоко Оно (далечната 1964) или оној на Марни Котак кога таа се породи во уметничка галерија веќе нема што да се додаде, излегува дека имало уште простор за иновација.

Австралиската феминистка Кејси Џенкинс е во тек на изведба перформанс во кој 28 дена (еден лунарен цуклус) ќе плете шалче со волница вметната во нејзината...вагина. Во видеото таа објаснува: „Секој ден земам ново клопче кое е така мотано што почнува да се одмотува од центарот, и го ставам во мене. Потоа го повлекувам конецот и почнувам да плетам".

Ова е само еден од многуте слични перформанси кои ги организира нејзината уметничка група Крафт Картел, спојувајќи ги традиционално женските занаети со феминистичката идеологија. Еден од настаните претставува тепачка меѓу жени со скапани патлиџани или со стврднат леб. 

Реакциите на перформансот се различни, но по сè изгледа истите феминистички теми и визуелни репрезентации не престануваат да брануваат и шокираат, и покрај релативното долга традиција на нивно присуство во уметноста. Не можевме а да не помислиме на еквивалентната комбинација на гениталии и „машки" занает, кои би деконструирале некоја стереотипно машка мајсторија. Дупната автомобилска гума и дигалка? Не мора 28 дена, доволни се и 15 минути.

Извор: Хафингтон пост

6 декември 2013 - 09:54