Уметност и невронаука: соништа претворени во реалност

Денов почна со чуден сон. Во него сум на лаптоп и кликам „рифреш“ за нов сон. Толку ми е смешно што се будам. Кој знае како би изгледало кога тоа би можело да се претстави во 3Д. Всушност, тоа веќе се прави. Само што барем засега резултатот ни од далеку не може да се спореди со поетиката на соништата.

Комбинација на уметничка и невронаучна иницијатива, „Сонувачки сесии“ е проект на уметницата Натали Регард во соработка со истражувачите Роберто Торо и Гијом Дима. Креативните дела произлезени од регистрирањето на 80 соништа на Натали во тек на 101 ноќ со помош на ЕЕГ биле прикажани на овогодишната уметничка изложба на Организацијата за мапирање на човечкиот мозок под наслов „Мисловни нивоа“, заедно со дела произлезени од соработки на други уметници и невронаучници.

Како што пишува на официјалниот блог на организацијата, примарната цел на „Сесиите“ иницирани во 2011 е да се споредат субјективните перцепции на Натали за нејзините соништа со објективна, квантитативна анализа на нејзината мозочна активност, односно да се изгради мост до нејзините соништа со помош на мапирање на мозокот.

Натали и претходно водела детални белешки за нејзините соништа, во тек на 20 години, запишувајќи го секој сон веднаш штом ќе се разбудела. Тоа го правела и при истражувањето, со тоа што додека спиела, со „шлем“ со електроди на главата, на одредени интервали ѝ биле пуштани звуци - имиња на луѓе кои таа ги познава, различни зборови. Потоа било проверувано дали некои од нив успеале да навлезат во нејзините соништа, и дали и како повлијаеле врз нарацијата.

Заклучокот од истражувањето, меѓу другото е, дека науката засега каска зад субјективното искуство на еден сонувач - она што е видливо преку скеновите и деталните податоци за мозочната активност не е ни блиску до она што се случува во главата на оној кој сонува. За време на сон во кој тој може да управува со својот мозок како да е лаптоп - да кликнува рифреш, ентер, а најчесто да го користи копчето „ескејп“.

Повеќе за проектот тука

27 септември 2017 - 08:54