Перверзија или хуманост?

Уметнички тобоган на смртта

Ако веќе мора да се умира, зошто да не се замине во голем стил, во спој на забава и страв, како гледајќи хорор филм? Само овој филм би бил многу, многу реален.

Euthanasia Coaster, или Тобоганот за еутаназија, е дело на литванскиот инженер Јулијонас Урбонас, негова докторска дисертација по дизајн на Кралскиот колеџ во Лондон. Тој некое време работел на дизајн на романтични сцени за луна паркови, па можеби заситен од таа иконографија решил да оди во друг екстрем - развивање на „елегантен и еуфоричен начин да се умре".

Целиот проект е само во фаза на замисла, но тој предвидува огромен „ролер костер", кој патниците ги води низ серија екстремни падови и вртежи кои создаваат еуфорија и му оневозможуваат на кислородот да дојде до мозокот. Стручно кажано, со тоа се предизвикува церебрална хипоксија, од која прво се губи свест, а потоа и се умира.

Еве како би изгледало сценариото на најчудниот начин да се самоубиеш во светот: Прво „патникот" долго и бавно се искачува на повеќе од 500 метри, што му дава доволно време да се присети на неговиот живот и да размисли за неговата одлука. На врвот му овозможува да се помоли или да се поздрави од пријателите и роднините пред да ја донесе конечната одлука - да го притисне копчето „падни", со што почнува стрмно нурнување по кое следи првиот вртеж од 360 степени. Оние со претходни здравствени проблеми може да умрат уште во овој момент - според Урбонас со брзина од 100 метри во секунда силата на тежата G предизвикува губиток на свест заради недостаток на кислород, што често резултира и со чувство на еуфорија. Во случај ова да не го убие патникот, има уште шест последователни вртежи за да ја завршат работата.

Освен етичките и генерално ужаснувачките помисли дека вакво нешто може да постои, има и попрактични, инженерски проблеми. Градењето на структурата самото по себе е предизвик - таа би требало да биде три пати повисока од највисокиот светски ролер костер, Кингда Ка, за чија изградба биле потребни 18 месеци и 25 милиони долари.

За оние кои немаат баш желба да умрат, или за оние кои страдаат од вртоглавици, ова звучи перверзно. Но Урбонас тврди дека неговото убиствено возење би овозможил „похумана" смрт, затоа што таа не само што би била безболна, туку би била и некако поубава. „За оној кој паѓа ова е ритуализирана смрт која го вклучува целото тело".

И додека докторите и активистите за еутаназија велат дека концептот на мешање на смрт со забава е претеран, и дека добрата смрт е дома покрај семејството, Урбонас тврди дека неговото дело нема за цел да ги охрабрува луѓето да посегнуваат по самоубиство, туку едноставно нуди можност за размислување. Западната култура ја има табуизирано смртта, па ова е еден од можните начини за повторно воспоставување на обредноста, која му овозможува на човека да излезе на крај со мислата за минливоста и крајот.

28 октомври 2015 - 09:25