Цепаницата која ни недостасува

Уметнички дизајниран блокатор на интернет сигнал

Во Твин Пикс, ако ви текнува, имаше една жена која постојано си шеташе со цепаница, преку која добиваше информации за убиството на Лора Палмер од извесни натприродни „органи". Сега конечно сфативме што била финтата. Таа можела јасно да ги согледа работите затоа што немала интернет.

Уметникот и програмер Алисон Бартч креаирала ново апаратче кое треба да нè куртули од мобилните и од самите себеси. Формата му е 25 сантима долга цепаница од бреза која им дава отпор на радио сигналите. Се вика Log Jammer, а се состои од хардвер вреден 200 долари кој вклучува извор на струја, плоча со сопствен дизајн, компоненти за регулирање на волтажата, засилувач и антена. Тој може да произведува радио врева на истата 1950 мегахерцна фреквенција која вообичеано се користи од мобилните, што значи дека е доволно е моќен за да ги блокира сите комуникации во радиус од 6 метри.

„Ако целосното исклучување од општеството не е можно за повеќето луѓе, тогаш сакам да создадам технологија која заштитува од експлоататорска технологија", вели авторката, веројатно раководена од мотото „технологија со технологија се избива".

Сепак, ова е повеќе некаков „стејтмен", отколку вистинско решение за проблемот со пренавасаноста со интернет и мобилни. Плус, во САД е практично забрането да се запира мобилен сигнал, и тоа според Федералната комисија за комуникации. А од друга страна, не е забрането да се маскираат цели телекомуникациски кули во форма на дрвја. Барч го парафразира францускиот филозоф Жил Делез: „Проблемот веќе не е да ги тераш луѓето да се изразат. Туку да создадеш неопходен јаз на осаменост, во кој тие би можеле да најдат нешто релевантно да кажат".

Накратко - цепаница за секој граѓанин на Македонија.

11 ноември 2014 - 12:47