За толкувањето на една приказна

Учебници од кои дувате и на јогурт

Едно пишување домашно ни отвори неколкучасовна работа. Што би рекле во басните, извлековме наравоучение.

Приказната во учебникот за четврто оди отприлика вака: Си биле една пеперутка и еден човек. Било студено и тој почнал да си дува во рацете за да се стопли. Потоа извадил термос со чај и дувал во чајот за да се олади. Пеперутката тогаш со индигнација изјавила: „Го раскинувам пријателството. Не можам да се дружам со некој којшто со иста уста и лади и топли". Насловот на приказната - „Лицемер". Потпишан автор - Езоп.

И сега доаѓаат прашањата за домашно: „Зошто пеперутката не сакала повеќе да му биде пријателка на човекот?". „Зошто ти не би сакал да се дружиш со вакво другарче?"

И додека семејно мака мачевме да сфатиме што грев стори човекот што дуваше на врело за да го олади, а на студено за да го стопли, решивме да провериме дали е нешто до нас, или е до „адаптацијата“ на приказната. Нормално, до второто е.

Приказна со слична содржина навистина постои кај Езоп, под наслов „Сатирот и патникот", но со значајни разлики. Прво, во неа нема пеперутка, што некако му доаѓа логично затоа што пеперутка не би издржала на студено, па макар човеков ја дувал и со еркондишн. Второ, уште пологично, нема термос, бидејќи истиот уште не бил измислен (барем не под тоа име) пред нашата ера.

Во верзијата на Езоп/Ајсоп (ја има и во „Басните“ на македонски во превод на Валериј Софрониевски), како и во бројните варијации на истата тема во фолклорот на различни култури (види тука) сатирот, тоа демонско суштество, сведочејќи ја постапката на човекот неа ја толкува како - опасна. Како на пример во оваа стихувана верзија на Ла Фонтен:

„Да спијам со тебе под еден кров,
не сум толку храбар.
Далеку од мене нека биде таа уста лажна
која дува и студено и жешко"

Муабетот е дека човечкото однесување не е еднозначно, па една работа во еден контекст може да значи едно, а во друг друго. Некој којшто сака недвосмислени одговори за човечката природа треба да се подготви за изненадувања, бидејќи такви одговори нема. Токму тоа човекот го прави многу понепредвидлив, дури и од еден сатир, значи по „демонски" дури и од него.

Дали ова е пресложено ко за четврто? Веројатно. Но во тој случај езоповата „басна", којашто во оригинал и жанровски не е тоа, бидејќи во неа нема животни кој го симболизираат човекот туку човекот си се игра сам себе, можеби требало целосно да се прескокне. Вака се нуди - односно преку насловот се наметнува - едно толкување кое е сосема збунувачко. Дали ако се однесувам како човек по дефиниција сум лицемерен? Со кого бре да се дружам ако се сите луѓе такви? Не треба да си го ладам чајот кога е жежок?

Толкувањето на сказната во клуч на лицемерието е всушност само едно од многуте низ историјата. Изреката Ex eodem ore calidum et frigidum efflare (Со истиот здив да дуваш и топло и ладно), веројатно инспирирана од верзија на сказната во холандскиот фолклор, е регистрирана кај Еразмо Ротердамски во 16 век и преку него влегла во ренесансната поучна литература, како асоцијација на луѓе со непостојан карактер. Денес таа се уште се користи во англискиот (to blow hot and cold), со значење на недоследност или нерешителност. Но ваквото спинување на пораката, дури и да се сака, е тешко да се постигне кога во македонскиот таква изрека нема. Плус генералната грешка на изведување инаку непостоечки наслов од само едно можно толкување на приказната, што не остава никаков простор за поинакви мислења.

Филозофите на просветителството (Волтер и екипа) ја нападнале логиката на сказната, според која човекот излегува лошиот. Му студело па си ги топлел прстите де, што има тука лицемерно? Божем нема други приказни на таа тема, па сега морало баш оваа да се толкува во тој клуч.

Нешто слично порачуваме и ние, обидувајќи се да му објасниме на детето дека со нашите учебници треба да биде подготвен да дува и на јогурт.

26 јануари 2016 - 09:21