Трамп изгледа нема да остави зад себе претседателска библиотека

Не станува збор за библиотека со книги, туку со значајни документи поврзани со претседателскиот мандат. Американските претседатели оваа традиција, воспоставена во 1930-тите, ја сфаќаат сериозно и почнуваат да се подготвуваат многу порано пред заминувањето. Трамп, изгледа, беше затечен.

„Ако се прашувате како ќе изгледа претседателската библиотека на Трамп, не се заморувајте - ќе ја нема“. Вака гласеше дел од коментарите кои ги анализираа можните причини за тоа што 45-тиот претседател на САД ќе остане покусо за уште еден битен дел од традицијата на американските претседатели. Дури и таквите кои ја напуштиле позицијата со скандали и оставки сепак не ја прескокнале оваа можност.

Кога претседателот заминува од функција, Националната архива започнува проект за вдомување на документите до изградбата на претседателска библиотека. Ваквата практика започнала од 31-виот претседател, Херберт Хувер во 1930-тите, и до сега не е забележан случај претседател да не си отворил своја (па макар подоцна таа да била затворена или префрлена во федерална надлежност). Тие се значајни алки во зачувувањето на репутацијата и наследството на претседателот.

Но Трамп како што изгледа ќе нема библиотека. Првата и најважна причина е што нејзината изградба и организирање се скапи. Владата можеби плаќа за доживотна заштита од страна на тајните служби, но не дава пари за книги. Оттаму, поранешните претседатели мораат да формираат непрофитни организации за да соберат милиони долари, и тоа секако им е полесно додека се сè уште на функција.

Повеќето претседатели со библиотеки почнале да ги планираат и да собираат пари за нив многу пред крајот на нивниот мандат. Рузвелт ја отворил својата пет месеци по започнувањето на својот трет мандат. Ајзенхауер, Линдон Б. Џонсон и Роналд Реган тоа го сториле пред да ја напуштат функцијата. А Обама, кој најпрвин најавил дека нема да собира средства додека е се уште на функција, пасивно прифаќал милиони почнувајќи од 2014. Уште потешко е за некој кој имал еден мандат и очекувал уште еден, а не го добил. Одржувањето во живот на една ваква институција подразбира и долгорочен прилив на милионски суми. Фондацијата Никсон ја раководела неговата во тек на 16 години пред конечно да крене раце, молејќи ја владата да ја земе под свое (што и се случило, во 2007).

Се поставува и прашање за локацијата на објектот. Роднините на Хари Труман, на пример, не сакале тој да ја користи семејната фарма. Луѓето од Кембриџ, Масачусетс, не сакале библиотеката Кенеди да привлекува илјадници туристи во малите градски улици - фондацијата се откажала после повеќе години протести и одложувања. Никсон дал оставка пред да може да ја финализира тајната шема за градење на својата библиотека сред огромен имот кој го стекнал незаконски додека бил претседател на кампот и воена база Пендлтон. Конечно ја изградил дури 16 години откако дал оставка, во родното место Јорба Линда во Калифорнија. На отварањето присуствувале десетици илијади поддржувачи, а говор одржал Џорџ Буш постариот.

Можеби нешто слично ќе се случи и со Трамп?

25 јануари 2021 - 18:09