Писателот кој го инспирираше „Гранд хотел Будимпешта“

Трагичната судбина на Штефан Цвајг

Австрискиот автор, чие дело го актуелизира Вес Андерсон во неговиот „Гранд хотел Будимпешта", во 1942 се самоубил заедно со неговата 30 години помлада жена. Една нова биографија сега се обидува да одговори на прашањето - зошто?

Новата книга на Џорџ Прочник, „Невозможен егзил" во New York Review of Books е опишана како „суптилна и чесна" студија на животот на еден од најсаканите и најчитани автори од германското јазично подрачје на дваесетиот век. По потекло Евреин, тој ја доживеал судбината на голем број негови колеги кои морале да се повлечат во егзил во текот на Втората светска војна.

Во неговиот случај тоа за среќа не вклучувало бегање од смртта во последната минута, ниту пак почнување со кариерата од нула - секогаш имал време човечки да се спакува, да одбере дестинација и со австрискиот пасош, кој овозможувал слободно движење до 1938, да патува во САД и Јужна Америка. Неговите книги продолжиле добро да се продаваат и по започнувањето на војната, иако делата на авторите со еврејско потекло биле забранувани, а во неговиот случај дури и запалени заедно со оние на Фројд, Ајнштајн и Ман.

Покрај сите овие среќни околности во споредба со голем број негови колеги, тој имал и љубовница триесет години помлада од него, со која се зел откако жена му го фатила во кревет со неа. Па сепак, сето ова не било доволно тој да смогне сила за јавно да му се спротивстави на нацистичкиот режим, ниту пак да продолжи да живее. Откако во 1942 преку Британија стигнал до САД, а потоа до Персеполис во Бразил, земја која добро ја познавал и каде бил добредојден, скршен од напредувањето на Хитлер во Европа и без надеж во иднината на човештвото, одлучува да се самоубие. На 23 февруари тој и неговата сопруга се пронајдени мртви во хотелска соба, како последица на преголемо количество барбитурати. Таа го држела за рака, и според искази на очевидци изгледала заљубено, додека тој едноставно „делувал мртов".

Следувала бура од емоционални реакции помеѓу писателската фела. Томас Ман, кој се сметал за неприкосновен водач на писателите од германското јазично подрачје во егзил, го оценил ова како чин на кукавичлук и лош пример за сите книжевни емигранти на кои повеќе од сè им треба поддршка и трошка оптимизам. Истовремено, тој го критикувал Цвајг заради тоа што овој никогаш не зазел јасен став во однос на нацистите. На прес конференција во 1935 во просториите на неговиот американски издавач Вајкинг во Њујорк, организирана по повод излегувањето на биографијата за Еразмо Ротердамски, која подоцна ќе ја нарече „прикриена автобиографија", новинарите скокнале да го прашуваат за неговиот став кон Хитлер и нацистичка Германија. „Никогаш нема да зборувам против Германија. Никогаш нема да зборувам против која и да е земја", била неговата изјава.

Оваа негова воздржаност и пасивност не била толку резултат на страв, бидејќи Цвајг, со неговите врски и репутација немал од што многу да се плаши. Тој сметал дека демонизирањето на подржувачите на Хитлер ќе ја затвори вратата за нивно евентуално освестување - наместо тоа тој одбрал да зборува за богатото германско културно наследство кое е загрозено заради нацистичката политика. Негова идеја била формирање на месечно книжевно списание кое би објавувало статии на различни јазици за да „го зацементира, преку високи етички и книжевни стандарди, аристократското европско братство, кое на крај ќе може да ѝ пружи отпор на демагошката пропаганда на оние сили кои се обидуваат морално да ја уништат Европа".

Нормално, од сето ова ништо не излегло, па тој го одбрал молчењето како знак на осуда. Став кој бил пресуптилен и превнимателен за да биде сфатен од политичките бегалци и од американската јавност. Излегло дека неговиот карактер е негова лоша судбина: „Би сакал да доползам до некоја глувчешка дупка..Јас сум човек кој над сè ги цени мирот и тишината. Има мистериозно задоволство во тоа да си го сочуваш разумот и духовната независност, особено во период кога збунетоста и лудилото се во подем". Откако го напишал ова ја продал куќата во Салцбург и исклучителната колекција ракописи, зачувувајќи ја само работната маса на Бетовен, и заминал во егзил и во сопствената смрт.

За да се разбере ликот на Цвајг можеби е најдобро тој да се анализира наспроти оној на Томас Ман, кој дошол во САД во исто време, но гласно и јасно изјавувајќи дека го претставува најдоброто од Германија: „Кадешто сум јас, тука е Германија..си ја носам германската култура со мене". Цвајг не бил ни оддалеку толку самоуверен, ниту пак имал чувство на претставник на било што германско. Евреин кој го отфрлил ционизмот, тој над се ја ценел апсолутната слобода да одбере помеѓу нациите, да се чувствува секаде гостин. Токму тоа и скапо го чинело.

Во неговата последна книга „Шаховска приказна" тој раскажува за австриски адвокат уапсен во Виена. Гестапо го подложува на ментална тортура - човекот е затворен во хотелска соба, изолиран од секаков човечки контакт, без книги, пенкало, хартија и цигари, во бесконечна временска и просторна празнина. Книгата ја завршил на 22 февруари, а на 23-ти бил мртов.

Неговите дела се уште се печатат и преведуваат, а најсвеж трибјут му направи Вес Андерсон во „Гранд хотел Будимпешта", вградувајќи делови од неговите книги во нарацијата, а неговиот лик во оној игран од Ралф Фајнс, консиержот со аристократски манири, кој до последно останува пацифист и хуманист додека се околу него се распаѓа. Како што го опишал Цвајг еден негов пријател: „тој беше еден од оние благородни типови, ранлив и со тенка кожа, кој живееше во безгрешен свет под стаклено ѕвоно, и кому му недостасуваше капацитетот да наштети". Освен на себеси.

2 мај 2014 - 10:49