Акција: бела техника за објективно новинарство

Том Хенкс испрати машина за кафе во Белата куќа

Не е за турско, туку за јако црно еспресо, кое треба да им помогне на новинарите кои известуваат од кабинетот на претседателот да останат будни и концентрирани во борбата за вистината. За некои од нашите може рачно цедалче за лимун ќе заврши повеќе работа. 

Гестот на Хенкс не е прв од ваков вид. Во 2004 тој исто така испрати машина за кафе на новинарите кои известуваа за време на претседателствувањето на Буш.

Но овој пат еспресото е придружено со белешка, искуцана на една од саканите машини на Хенкс, на која пишува: „За одделот за медиуми на Белата куќа: Продолжете со упорната борба за Вистина, Правда и за американскиот начин. Особено за делот со Вистината“.

На белешката има и цртеж на американски војници, со натпис: „Свежи американски трупи, опиени од победата, со себе носат илјадници гладни, измачени затвореници“.

Во краткиот досегашен живот на американската администрација под Трамп таа веќе успеа да се испокара со голем број медиуми. Минатата недела, на пример, Белата куќа ги спречи новинарите на Гардијан, Њујорк Тајмс и Си-ен-ен да присуствуваат на прес брифинг со прес секретарот Шон Спајсер.

Хенкс, кој јавно ја поддржа Хилари во претседателската трка, претходно го опиша Трамп како „самоуверено дрндало“ (self-involved gasbag, буквално: нарцистична вреќа гас)

Неговата опсесија, пак, со машини за куцање е добро позната. Како што пишувавме тука тие се користени како „мито“ за тој да се согласи да гостува во емисија, а има спонзорирано и апликација која го симулира чувството на пишување на стара машина дур куцате на тастатура.

3 март 2017 - 09:35