Тајниот јазик на некролозите

„По долго и тешко боледување" во нашите последни поздрави обично значи дека починатиот умрел од рак. „Ненадејно" дека го стрефило инфаркт. Важно е и кој е потпишан, па дури и по кој редослед. Но во некролозите, во овој случај оние кои се објавуваат во Русија, има и посложени „кодови".

Во доцните 1980ти и раните 1990ти, доколку во некролог објавен во американски весник пишувало дека починал млад маж, без да се наведе причината за смртта освен неутралното „откажување на респираторни органи", тогаш најверојатната причина била сида. Доколку некрологот спомнувал и „долгогодишен партнер", тоа веќе било дефинитивна потврда за истото.

Еквивалентот на ова во современа Русија се текстови кои велат дека маж бил пронајден убиен во неговиот стан, без знаци на насилно влегување. Кога ова ѝ се случува на позната личност, што повлекува и поголем број некролози, нивните потписници најчесто не спомнуваат убиство, туку „трагична смрт", како тука да не станува збор за криминал туку просто за несреќни околности. Она што тие всушност го кажуваат е дека починатиот бил хомосексуалец, кој умрел од раката на некој кого самиот го донел дома.

Никој не знае точно колку често се случува ова, но очигледно тоа е доволно често за веќе да претставува препознатлива шема. Кога Александар Смирнов, службеник во градските власти во Москва, пред три години во интервју одлучил да признае дека е геј, тој ги спомнал и ваквите случаи. „Пред две години почина мој познат. Беше пронајден во неговиот стан, гол, боден до смрт. Беше геј. Знаете како се случува ова? Геј популацијата често се среќава онлајн. Има цели банди кои доаѓаат во куќите на геј мажите, ги убиваат и им ги пљачкаат становите. Семејствата секако ги кријат овие приказни".

Истото му се случило и на самиот Смирнов, со тоа што тој го преживеал нападот. Ниту смеел да викне брза помош, ниту пак да каже нешто за тоа на работа. Наскоро се преселил во Њујорк и побарал азил во САД.

Заради генералната хомофобична атмосфера во Русија и оние кои точно знаат што се случило често прибегнуваат кон тактични изрази од типот „има повеќе верзии, но нема да навлегувам во нив". Тоа биле реакциите и по смртта на двајца познати актери, Вјачеслав Титов (кој бил најден задавен во неговиот стан во Москва во 2011) и Алексеј Девотченко (пронајден во локва сопствена крв кај него дома во ноември 2014).

Оттаму, некролозите иако делуваат како шематизирана известувања, во сите култури кои ги практикуваат можат да пренесат и пораки кои се повеќе од „последен поздрав".

12 април 2016 - 17:14