„Пат кон никаде“

Суровиот говор на Брн

Сте поминале неколку години напорно работејќи на вашата идна уметничка кариера, доаѓа денот кога конечно дипломирате на престижен универзитет од оваа област, и очекувате дека некој силно ќе ви ја стисне раката и ќе ви честита на постигнатиот успех. Наместо тоа Дејвид Брн ви мава шамар.

Традицијата познати личности да држат говори на дипломците од американските универзитети оваа година донесе неколку интересни примери, како оној на Опра Винфри која на студентите на Харвард им раскажа за нејзиниот пат од јужњачка сиромаштија до слава. Но времињата во кои живееме, и ние а богами и дипломците од престижните универзитети, понекогаш бараат помалку сентиментален пристап. Како оној на Дејвид Брн пред студентите на Columbia School of the Arts.

Деканката на факултетот, Керол Бекер, ја отворила церемонијата со наведување импресивен список на дипломци на Школата и нивни успеси - режисерката Кетри Бигелоу (добитничка на Оскар за Zero Dark Thirty), или Ајад Ахтар, кој добил Пулицер оваа година за драма. „За кратко време", им рече Бекер на собраните дипломци, „вие ќе станете дел од големата успешна приказна на ова училиште". Но говорот на Брн кој следел воопшто не бил оптимистички.

Тој се фокусирал на финансиската иднина на дипломците, проектирајќи слајд-шоу со официјални статистички податоци кои покажуваат дека ако одберете кариера во уметноста вие сте, во основа, заебани. Само 3% од дипломираните на отсекот за филм и телевизија, и 5% од оние за литература и визуелните уметности завршуваат работејќи во нивните области. Последната таблица ги покажувала просечните плати на луѓето кои работат во уметностите (помеѓу 35-45 илјади долари годишно во сите четири сектори). Присутните се пукнале од смеење, на што Брн изреагирал со „Мило ми е што се смеете" (или преведено: смејте се, смејте се..).

После ваквиот суров почеток сите очекувале нагло свртување во пристапот и малку поутешни зборови, нешто од типот „не е сè во парите", но Брн сепак си останал до крај доследен, инсистирајќи дека освен во мал број случаи, оние кои дипломираат уметност ќе имаат проблем во животот да врзат крај со крај.

Она што е навистина важно, а не е отсликано во сите тие дијаграми и таблици, е задоволството и уживањето во креацијата. „Ако тоа е вашата сатисфакција, вие веќе сте успеале", го завршил говорот Брн. Сепак, звуците на Road to Nowhere со која започнала церемонијата, сигурно уште долго ќе им одѕвонува во главите.

10 јуни 2013 - 08:50