Никој не го сака Ричард Докинс

Студија која одговори на прашање коешто воопшто не беше ни поставено

Еволутивниот биолог Докинс, заедно со непрежалениот ни Хиченс, се имињата кои први ни паѓаат на памет кога станува збор за кршење копја помеѓу современите атеисти и верниците. Вториов со време се спаси, и замина на оној свет бескомпромисно предаден на неговата невера. Вториов уште ќе го крка.

Списанието „Јавно разбирање на науката“ (Public Understanding of Science) неодамна објави резултати од истражување за тоа какви се ставовите и чувствата на научниците во врска со религијата. Спроведено од Универзитетот Рајс од Тексас, тоа се состоело од анкетирање на над 20,000 научници од осум земји. Во Британија истражувачите анкетирале 1,581 научник, а потоа со 137 од нив спровеле подетални интервјуа.

Иако ниту едно од поставените прашања немало никаква врска со Докинс, тој бил темата којашто се провлекувала во повеќето од нив. 48 од 137-те научници го спомнале неговото име, а од нив 80% рекле дека сметаат оти тој погрешно ја претставува науката и научниците во неговите книги и јавни настапи. Останатите 20 проценти го спомнале по арно.

Некои од интервјуираните научници биле религиозни, па оттаму не е изненадувачки што зазеле негативен став кон неговиот лик и дело. Но дури и научници кои не се верници изјавиле дека Докинс ги преценува границите на она што науката може и треба да го испитува. За некои од нив ставањето под прашање на постоењето на божества или на светото не спаѓа во она со што таа треба да се занимава.

Еден нерелигиозен професор по биологија го опишал Докинс како „фундаментален атеист“, а како и секој фундаментализам и овој не е за фалење. Во основа помеѓу крстоносците кои наметнуваат вера и оние кои неа со истата опседнатост се обидуваат да ја негираат и нема голема разлика. Радикалноста на ставовите не му прилегаат на еден научник, кој би требало да биде отворен за туѓите чувства и верувања, а не да биде отровен и саркастичен кон неистомислениците (за еден од неговите испади види тука).

Неговиот славен колега Е. О. Вилсон го нарекува Докинс не научник туку „новинар“, затоа што овој нема спроведено никакво сопствено истражување, туку само пренесува сознанија од други научници. Дури и без оглед на ова, јавните изблици на гнев и ароганција на Докинс не им се омилени дури ни на оние чии ставови се блиски до неговите. Во јануари оваа година тој требаше да зборува на конференција за наука и скептицизам во Њујорк, но организаторите ја повлекоа поканата откако тој постираше (наводно) навредливо видео на Твитер, во кое исламист и феминистка пеат за она што им е заедничко. Подоцна тој го избриша твитот, но тоа не е прв пат да е критикуван за вакви брзоплети и нетактични реакции, а во последно време особено за исламофобија.

1 ноември 2016 - 16:16