Стрип посветен на историјата на пивото

Од почетоците на земјоделството до современото производство на пиво, оваа книга чие објавување се планира за октомври, покрива цели 9000 години историја на пијалокот на којшто се насладуваме додека ги пишуваме овие редови (добро де, радлерче).

Илустраторот Аарон МекКонел, писателот Џонатан Хенеси и професионалниот производител на пиво Мајк Смит соработувале на овој проект, кој на 173 страници ја раскажува приказната за пивото повикувајќи се на голем број историски, економски и културолошки податоци. Еве дел од интервју објавено на сајтот на NPR со авторите:

Која е најинтересната работа што ја научивте додека истражувавте за книгата?

Хенеси: Едно просветлувачко сознание беше дека нашата култура има наследено одбивност кон пијалоци базирани на жито од древните Грци и од Римјаните. Лоцирани во региони богати со грозје, грчката и римската цивилизација биле фокусирани на виното. Пивото било избор на „варварските" непријатели кои ги опкружувале, и ова било како некаква клетва фрлена врз пивото и пивопијците, тие да имаат второстепен статус и во идните векови.

Дали е навистина потребно да се оди толку далеку во историјата, цели 9000 години, за да се раскаже приказната за пивото?

Мајк Смит: Да. пивото е кул затоа што е сè. Тоа е метафора за човечката историја. На многу начини го има обликувано светот, а неговата историја сè уште влијае врз нас. Каква врска има моето денешно правење пиво со даночната структура (на пивските состојки) во средовековна Европа? Или начинот на кој неолитските селани го складирале животот во текот на зимата, во форма на пиво? И иако изгледа како нешто ново да се пие кисело пиво со црвен грејфрут и нане од малата пивара во маалото, тоа е сè уште дел од приказна која води кон почетоците на цивилизацијата. Токму тоа е фасцинантното во неа.

Историјата на пивото е раскажана и претходно. Како овој формат на стрип придонесува кон неа?

Мајк Смит: Голем број книги за пиво делуваат премногу сериозно, а медиумот на стрип ни овозможи да ја раскажеме приказната со степен на лежерност. Во делот од книгата каде објаснуваме што е пивото, зборуваме за молекули на шеќер и долги вериги на скроб кои се кинат под дејство на емзими. Она што се случува е многу многу едноставно, но кога го раскажуваш со зборови изгледа тешко за објаснување. Кога ќе го направиш истото со карактери од стрип - мали Лего човечиња кои кршат нешта - тоа го разјаснува концептот.

Дали пивопиите и фановите на стрипови имаат нешто заедничко?

Мајк Смит: Секако. Има големо гиковско преклопување. Голем број од луѓето кои сакаат стрипови пијат традиционално правено пиво. И жанровите на некој начин се слични. Како што сега пивото доживува експлозија, тоа важи и за стриповите. Двете работи сега се мејнстрим. И како што има голем број видови пива, секое пиво за различна прилика, така и стриповите имаат мали ниши кои им овозможуваат на фановите да се дружат меѓу себе, како што го прават тоа и фановите на одреден тип пиво.

 

18 август 2015 - 16:20