Стивен Колбер и Џ. Р. Р. Толкин за страдањето

Кога прочитавме дека во интервјуто на Андерсон Купер со Стивен Колбер на Си-ен-ен од 16 август главната тема била тагата, тоа ни зазвучи необично. Колбер - циничниот комичар - зборува за тага? Да, и за страдање, и за Бог, и притоа го цитира Толкин.

Кога имал 10 години, на 11 септември 1974, Стивен Колбер го загубил татка си и двајцата браќа во страшна авионска несреќа. Ова искуство го научило многу нешта. На пример, дека е дар воопшто да се постои, но и дека со постоењето доаѓа во комплет со страдање.

„Нема бегање од тоа. Не би одбрал тоа да се случи. Би сакал да не се случеше, но ако си благодарен за својот живот, тогаш треба да си благодарен за сè во него. Не може да си бираш за што ќе бидеш, а за што не“.

Купер, дур се труди да не заплаче, цитира претходно интервју на Колбер во кој изјавил: „Кои божји казни не се дарови?“

Оваа реченица е всушност парафраза на подолг цитат од собраните писма на Џ. Р. Р. Толкин, авторот на „Господар на прстените“ и „Хобит“, кој исто како и Колберт како млад доживеал големи трауми. Неговиот татко умрел во Јужна Африка во 1896, кога Толкин имал само три години, а мајка му Мејбел го донела него и неговиот помлад брат назад во Англија (од каде се иселиле заради економски причини). Во нејзиниот роден град Бирмингем таа одлучила да стане католик, на што нејзиното семејство остро реагирало, откажувајќи се од неа и оставајќи ја и неа и децата да гладуваат.

Единствени кои помогнале во овој тежок период биле свештениците од локалната епархија, кои на Толкин и на неговиот брат особено им се нашле кога во 1904 мајка им умрела од дијабет. Толкин особено бил близок со извесен отец Франсис, за кого се претпоставува дека бил инспирација за ликот на Гандалф, и по кого Толкин го крстил најстариот син.

Болката и страдањето се чести мотиви во делата на овој автор, и тие понекогаш се резултат на божјата казна за злодела. Но многу почесто страдаат невини ликови, кои не сториле ништо зло за да заслужат да бидат казнети. Зошто добрите ни криви ни должни треба да страдаат?

Овој теолошки проблем е прилично сложен, но Толкин во неговото толкување ја следи следнава логика - не е точно дека Бог сака да ни наштети, или дека е среќен кога гледа дека страдаме. Тој дозволува да минеме низ искушенија за да сфатиме дека имаме некаков проблем, да го детектираме изворот на болката, и ако негов извор е некое зло, да го елиминираме. Оттаму, тагата е добра, дури и доблесна, доколку означува соочување со сопствените чувства и излегување од тој процес како подобри луѓе. Барем така мислел Толкин, а еве сега истото го дознавме и за Колберт.

Целиот муабет:

19 август 2019 - 10:08