Сте чуле за книгата „Блејд Ранер“ од Вилијам Бароуз?

Ова ќе биде малку комплицирано. Ама бидете така.

Значи го има филмот „Блејд Ранер“ на Ридли Скот. Па ја има книгата на Филип К Дик врз основа на која тој е правен. Ама да ти имало и заборавено сценарио на Вилијам Бароуз, кое го објаснува постоењето на терминот „Блејд Ранер“ во филмот, кого воопшто го нема во книгата на Дик, која и не се вика Блејд Ранер, туку „Дали андроидите сонуваат за електрични овци?“. Следите?

„Блејд Ранер: филм“ била напишана од Вилијам Бароуз и објавена во 1979. Со оглед на тоа што таа сега полни 40 години, овој месец е повторно издадена, што за некои е и прва средба со книга на овој автор за која не ни знаеле дека постои.

Иако била замислена како сценарио, таа е некој вид „роман-река“, интензивен тек на свеста, инспириран од опскурна научно фантастична книга под наслов - да, да - „Блејд Ранер“ на Алан Е Нурс (Alan E Nourse), објавена во 1974! Лоцирана во американска дистописка иднина, таа зборува за општество во кое бесплатното здравство му е достапно секому, но само доколку се согласи да се стерилизира и да мине низ други генетски модификации. Оние пак кои нема да се согласат се приморани да бараат „подземна“ медицинска помош. Главниот лик, Били Гимп, е всушност Блејд Ранер-от, кој е наречен така затоа што ракува со хируршки скалпер, и им овозможува пристап до лекови и други потреби на илегалните медицинари.

Како ова име потоа се нашло во насловот на филмот на Ридли Скот? Сценаристот Хамптон Фанчер, на кого му била доделена задачата да ја адаптира книгата на Филип К Дик од 1968 го насловил филмот „Андроиди и опасни денови“. Но кога Скот во текот на големиот број адаптации го забележал терминиот „Блејд Ранер“ како опис на ликот на Харисон Форд, ептен го бендисал. Како што самиот изјавил во интервју од 1982, сценаристот му признал дека тој не е негов туку „позајмен“ од книгата на Бароуз која ја имал по дома. Побарале дозвола од него, и го ставиле како наслов на она што денес се смета за антологиски филм.

Како книга, „Блејд Ранер: филм“ е експериментална проза, не баш лесна за читање. Но ако ништо друго таа води кон нејзината претходничка, „Блејд Ранер“ на Нурс. Е, таа ќе треба да се чита.

20 ноември 2019 - 12:03