Сте чуле за Алојз Хитлер?

Има цели книги за секретарката, лекарот или шоферот на Адолф Хитлер. Но многу малку се знае за неговото најтесно семејство и за татко му - Алојз.

До сега необјавени писма напишани од таткото на Адолф, Алојз Хитлер, фрлаат светлина врз семејното потекло на нацистичкиот диктатор. Тие се анализирани во нова книга која ќе излезе од печат овој понеделник, 1. март. Насловот е „Татко му на Хитлер: како синот станал диктатор“ од австрискиот историчар Роман Сандгрубер, а во неа тој тврди дека Хитлер постариот играл голема улога во моделирањето на психологијата на својот син.

Алојз Хитлер, кој умрел во 1902 бил австриски цариник чија работа подразбирала чести селења на семејството и тоа вкупно 18 пати. Книгата сепак главно се фокусира на триесетина писма кои тој му ги напишал на Џозеф Радлегер, градител на патишта, откако ја купил неговата фарма во Горна Австрија. Иако Алојз Хитлер немал практично искуство со водење селски имот тој „секогаш сакал да биде учен џентлмен-фармер кој ќе биде подобар од другите“, пишува Сандгрубер, опишувајќи го како самозадоволен и арогантен. Преписката на авторот на книгата му ја предала правнуката на градителот, пред пет години.

Адолф, роден во 1889, бил трето дете на Алојз и неговата многу помлада сопруга Клара Пецл, а тој подоцна сигурно сакал да го сокрие фактот дека семејството некогаш живеело на имот чиј сопственик бил Евреин. Писмата откриваат и други детали, на пример дека мајката на Хитлер, кога била на смртна постела, била лечена од еврејски доктор кој подоцна избегал за САД.

Таткото и синот не биле емотивно многу блиски, а Адолф бил послушен до моментот кога Алојз сакал да му наметне службеничка кариера. Адолф повеќе сакал да биде слободен уметник и тоа било прв пат да покаже отпор кон татка си. Сепак и таткото и синот чувствувале презир кон авторитети и биле критички настроени кон религијата, иако семејството Хитлер никогаш формално не ја напуштило католичката црква.

Интересно е што има повеќе податоци, дури и цели книги и филмови, за шоферот, лекарот, фотографот и секретарката на Хитлер, но не и за неговото семејство, за кое податоците се скудни. Токму затоа овие новооткриени писма се важни и можат да послужат како основа за потенцијален нов филм за семејното потекло на фирерот.

извор

23 февруари 2021 - 16:52