Со сила воскресе

Враќањето на девојката со тетоважа на змеј

Стиг Ларсон почина на 50 години во 2004, но неговиот најпознат лик, Лизбет Саландер, ќе продолжи да живее. Тоа е една од предностите на фиктивните ликови, да можат да „воскреснат“, и да им донесат многу пари на оние кои ги разбудиле од нивниот мирен сон.

Една деценија откако девојката со тетоважа на змеј се појави во првиот дел од „Милениумската трилогија" на Ларсон, таа се враќа на страниците на нова книга, којашто ќе излезе на 1. септември. Насловот е „Девојката во мрежата на пајакот", а авторот е Давид Лагеркранц, поранешен новинар од шведските црни хроники. Самиот Ларсон не дочека да ја види ни првата книга, бидејќи почина од срцев удар пред таа да биде објавена во неговата татковина.

Лагеркранц има благослов од наследниците на Ларсон, а плановите на издавачот е да одржи континуитет со оригиналите, што значи и со главните ликови на Саландер и Микаел Бломквист. Додуша нивните амбиции се далеку поголеми од само едно продолжение - тие планираат најмалку уште седум романи.

„Ларсон беше мајстор на сложените наративи, кои добиваа сила и заради неговиот новинарски авторитет. Тоа е елемент кој влијаеше врз четвртата книга, и сигурен сум дека читателите на трилогијата ќе се идентификуваат со приказната на Пајаковата мрежа", изјавил Лагеркранц.

Единствена којашто се буни е долгогодишната партнерка на Ларсон, Ева Габриелсон, којашто го нарече изборот на Лагеркранц „идиотски", а целата идеја за „продолжување на животот на хероите" фарса. „Сето тоа е срање, тука се работи за пари. За издавач на којшто му требаат, и за писател којшто нема што да пишува, па копира некој друг".

А дека е за пари, тоа е повеќе од јасно имајќи ги предвид досегашните бројки - серијата на Ларсон до сега се има продадено во 80 милиони копии низ светот. Новата книга пак ќе биде симултано објавена во 25 земји, при што првото издание само во САД ќе оди во 500,000 копии. Лагеркранц, за книгата да не „протече", го напишал романот на компјутер без интернет, а ракописот на шведските издавачи им го предал на рака.

8 април 2015 - 08:24