Љубовна песна за една модернистичка зграда на гитаристот на Смитс

CIS Tower е облакодер на улицата Милер во Манчестер. Изграден е во 1962, а со своите 118 метри е највисока деловна зграда во Велика Британија вон Лондон. Токму на неа Мар ѝ ја посвети песната „Динамо" oд неговиот втор соло албум, Playland.

Во Британија таканаречениот „бруталистички" архитектонски стил (варијанта на модернизмот), со масивните бетонски кули и блоковска структура, е долго време мета на критика. Објектите изградени на овој начин често се запоставени и оставени на забот на времето, но како нивен пандан често не се градат похумани, поубави или поквалитетни објекти, туку такви без содржина и идентитет. Токму затоа Џони Мар, гитаристот на Смитс, сега ѝ посветува љубовна ода на една зграда којашто е типичен претставник на стилот кој ја формирал неговата урбана околина во шеесетите на минатиот век.

Тој живеел во Витеншејв, во јужниот дел на градот, кој бил познат како една од најголемите урбани населби во Европа. Неговото семејство било меѓу првите кое се преселило во 200-те куќи кои ја сочинувале населбата, со генерички архитектонски план, една дневна и три спални соби поделени со гипс-картон. Иако не звучи како дом од соништата, тој сепак смета дека голем дел од денешните градби не се ни приближно толку квалитетни колку оние од модернистичкиот период, ниту пак зад нив имаат некаква идеологија. „Ти си живо суштество, некој вид фантазија", ѝ пее тој во „Динамо" на зградата на CSI (Cooperative Insurance Society), восхитувајќи се нејзината конструкција и историја.

Извор на ваквата архитектонска вдахновеност на Мар е можеби фактот што тој од неодамна стана покровител на Манчестерското модернистичко здружение, а во тоа бил убеден од страна на Џек Хејл, уредник на списанието за архитектура и дизајн The Mоdernist.

Ќе напише ли некој песна за ГТЦ и за сите наши, веќе паднати модернистички архитектонски херои?

 
16 април 2015 - 22:42