Далај Лама и Дезмонд Туту ќе пишуваат заедничка книга

Тибетански будист и некогашен англикански бискуп, обајцата борци за човекови права и добитници на Нобеловата награда за мир, ќе се обидат да дадат одговор на тоа како (и каде) се наоѓа среќата.

Двајцата верски водачи ќе се сретнат во Дарамсала, Индија, при крајот на април и тоа заради два повода. Првиот е прославата на 80-тиот роденден на Далај Лама, а вториот е нивниот план „низ длабок дијалог и игрива смеа да ги споделат нивните искуства за тоа како да се најде радост среде животните предизвици".

Од овие петдневни разговори би требало да произлезе книга којашто веќе има наслов - „Книгата на радоста: наоѓање на трајна среќа во несигурен свет". Таа ќе содржи и одговори на прашања кои ќе им бидат поставени преку Фејсбук. Разговорите пак помеѓу Далај Лама и Дезмонд Туту ќе ги модерира Даглас Абрамс, кој заедно со Туту има напишано детска книга, „Божјиот сон".

„Ултимативниот извор на среќата е во нас", изјавил Далај Лама во соопштението во врска со договорот за книгата. „Ни пари, ни моќ, ни статус - сето тоа не носи внатрешен мир. Ваквите надворешни постигнувања не носат вистинска радост. Неа мораме да ја побараме во нас самите".

Ги замисливме како си муабетат на темава над распалена скара со пивце во рака. Или барем нам таква слика ни доаѓа пред очи кога замислуваме среќа.

15 април 2015 - 18:29