„Совршена месеста палата“

Средовековната песна за вагината

Била жена, живеела во 15 век и пишувала безобразна поезија на велшки. Зошто никој не ја знае? Па затоа што била жена, живеела во 15 век и пишувала безобразна поезија на велшки.

Гверфил Мехајн (Gwerful Mechain) била средовековна поетеса чии дела ни малку не се вклопуваат во стереотипот за мрачната и религиски обоена уметност на средниот век. Напротив, станува збор за игриви еротски песни за женското тело и сексуалната желба, и за стил кој е опишан како „удар на камшик“.

За нејзиниот живот (најверојатно од 1460-1502) не се знае многу, само дека била едно од четири деца во семејство од северо-источен Велс, дека била мажена и имала ќерка по име Мод. Но нејзиниот приватен живот е најмалку интересното нешто за Гверфил Мехајн - поетесата.

Доколку денес се гугла нејзиното име се наидува на неколку преводи на нејзината најпозната песна - Cywyydd y cedor, или Песна за вагината, орган кој авторката го нарекува „Совршена месеста палата украсена со влакна“. Истовремено, таа ги критикува мажите што не посветуваат доволно внимание на „Местото кое го сакам, местото кое го благословувам/Скриеното пиче под фустанот“.

Уште една песна е уште поексплицитна во односот кон мажите, во случајов (најверојатно) кон сопствениот сопруг. Под наслов „На нејзиниот маж затоа што ја тепа“, песната составена од четири стиха претставува клетва упатена кон домашните насилници:

И нож нека мине низ твоето камено срце
и нека удри во градната коска:
Колената да ти се скршат, рацете да ти се исушат
а твојот меч нека ти втоне во утробата, додека јачиш

Веројатно најдобриот опис на оваа поезија не е ниту тоа дека е феминистичка, ни дека е „нестандардна“, туку, како што напиша коментаторка на Гардијан - „не е срамежлива“.

Еден од англиските преводи на „Песната за вагината“ и други на истата авторка.

20 август 2019 - 09:53