Избори 2016

Споменик на неизбраните

Поддршката за одреден кандидат пред избори Американците имаат обичај да ја изразуваат и со тоа што пред куќи поставуваат билборди со неговото име. Но што ако тој (или таа) загуби?

Уметницата Нина Качадуријан по изминатите избори во САД собрала 58 вакви политички знаци и ги поставила на неколку локации низ земјата. Помеѓу имињата на „губитниците“ на изминатите избори има и такви кои се стари и неколку векови (Џон Адамс - 1796), но билбордите изгледаат реално затоа што Качадуријан ги прави самата од пластика. Најновиот знак е син, и на него пишува „Јас сум со Хилари 2016“.

Иако инсталацијата стана популарна по исходот од последните претседателски избори, па луѓето мислат дека таа е резултат на најновите случувања, целата збирка е всушност од 2008. Таа постојано се обновува како што се оддржуваат избори, после кои има победници и оние кои тоа не се.

„Секако, ова е проект за политика и историја, но не зазема позиција кој требало да победи во некои избори“, изјавила авторката за Њујоркер. „Споменикот е повеќе одраз на факти, што сме направиле колективно до овој момент и кои патишта (не) сме ги одбрале“.

Така, ставени на куп овие знаци потсеќаваат и на идеолошки гробници, и места за жалење по она што можело да биде, за оние чиј кандидат загубил. Кај нас вакви знаци по дворови не се обичај, но за спомен остануваат запалките, пенкалцата и куп флаери и постери што ќе се веат на зимскиот ветар. Ако не сакате помеѓу спомениците на еден пораз да бидат и „вашите“, помага да излезете на гласање.

10 декември 2016 - 10:11