Спиналонга: напуштениот грчки остров на кој се изолирале болни од лепра

Сувиот карпест остров кој служел како воена база во текот на венецијанското и подоцнежното отоманско владеење, од 1904 бил претворен во колонија на лепрозни. Во еден момент на него имало скоро 400 жители, луѓето склучувале бракови, а имало и кино и звучници со класична музика по улиците.

Лепрата е тешка бактериска инфекција која влијае врз нервите, органите за дишење и очите. Болеста може да предизвика деформација на ликот и на екстремитетите. Иако самата таа не е фатална, може да предизвика смрт од секундарни заболувања.

Во текот на раниот 19 век, како и за повеќето заразни болести, и за лепрата кружеле секакви предрасуди и погрешни информации. Најпрвин, се верувало дека таа е наследна. Заболените биле жртви на стигматизација, и биле отфрлани дури и од сопствените семејства и медицинските лица кои не сакале да им се приближат. Всушност нивната изолација била толку екстремна, што лепрата била нарекувана „смрт пред смртта“.

Кога Турците биле избркани од островот Спиналонга, за потоа во 1913 да стане дел од Грција, сите пациенти болни од лепра биле испраќани тука. Откако ќе биле дијагностицирани, на лепрозните им бил одземан имотот и граѓанските права и тие биле депортирани на место каде не добивале никаква нега. Единствениот доктор кој ги посетувал доаѓал од гратчето Плака на блискиот Крит, но само ако некој се разболел од друга болест. Иако третманот за лепра бил пронајден во 1940-тите, грчката држава ја одржувала колонијата до 1957. Дури откако британски експерт го посетил островот и напишал осудувачки извештај, на властите им текнало да ја затворат.

Во текот на сите тие години, а и потоа, низ населението кружеле приказни за ужасите на островот, особено за раните години од постоењето на колонијата. На островот немало никаква инфраструктура, и тој практично претставувал еден вид чекална за смрт. Меѓу пациентите имало и такви кои воопшто немале лепра, туку други кожни промени, на пример псоријаза.

Еден од ретките кои се одлучиле да проговорат за овој случај бил Епаминондас Ремоунтакис, студент на трета година Правен факултет во Атина, кој во тоа време имал 21 година. На Спиналонга формирал „Братство на болните“ и ги притискал одговорните да ги подобрат условите. Во текот на неговиот престој на островот како заболен, куќите биле прв пат варосани, бил изграден кружен пат, било организирано редовно чистење, а се отворило дури и кино. По улиците се слушала класична музика од звучници донирани од пациент. По некое време пристигнал и првиот генератор за улична светлина.

Бавно но сигурно, жителите на островот почнале да формираат заедница која не се фокусирала само на опстанок. Луѓето се заљубувале, се мажеле-женеле и раѓале деца кои растеле без да бидат заболени. Се отворило и училиште, кафана и берберница, а можеле и да одат во црква Св. Пантелејмон, во која служел свештеник кој се пријавил доброволно да живее на островот.

За среќа бројот на пациенти почнал да опаѓа во 1948 поради пронаоѓањето на првиот лек против лепра. Последниот жител го напуштил островот во 1962. Сепак со ова не престанала и стигмата - лепрозните во популарните претстави биле чудовишта, а името на островот останало табу.

Денес Спиналонга е второто најпосетувано археолошко наоѓалиште на Крит, после Кносос, а островот е официјално преименуван во Калидрон. На влезот има натпис кој советува, како на влезот на пеколот на Данте, надвор да се остави сета надеж.

14 јануари 2021 - 11:38