Букбокс гледаше

„Сосема ново Свето писмо“ (Le tout nouveau testament, 2015)

Kуп претходни филмови кокетирале со верска сатира, Го замислувале и Го карикирале, и низ смеа поставувале заебани животни прашања. Ама заборавете го Брус Олмајти, за него семожниот Бог од овој филм е - Господ!

Обичен стан во Брисел е веројатно меѓу последните места каде би претпоставиле дека живее христијанскиот Бог, кој вообичаено е претставен како строг но правичен дедовски лик лоциран на скришни координати некаде на небесата. Нашиов филмски бог (мало б) повеќе одговара на опис на средовечна маалска Битанга (големо Б) - неизбричан домашен насилник во карирано пењоарче, кој од својата клаустрофобична канцеларија управува со светот. Омилено хоби му се злобни местенки за неговите „субјекти“- луѓето, и смислување илјадници Закони за непријатности (пандан на Марфиевите), според кои, на пример, ако ја сретнеш жената на твојот живот шансите навистина да живееш со неа се минимални, или дека кога парчето леб со мармалад ќе падне на земја секогаш паѓа со мармаладот надолу.

Неговиот син, И. Х. (JC), чија статуа мајката секојдневно со љубов ја брише од прашина, е одамна заминат од дома, за да се занимава со „шарлатанство“ и наивно оправање на светот. Мајката е типична очајна домаќинка која се интересира само за везење и собирање сликички на бејзбол играчи. Eдинствена која може да му се спротивстави на старозаветниот мамлаз од Бог е малата ќерка Еа, која станува не само бунтовник против татковскиот авторитет, туку и против авторитетот на востановената христијанска нарација.

Во манир на најдобрите современи „свиркачи“, таа го хакира компјутерот на татко ѝ, и во операција која медиумите ја опишуваат како DeathLeaks им испраќа СМС-и на сите луѓе во светот, информирајќи ги за датумите на нивната смрт. Ова за миг менува сè - низ призмата на сознанието за неизбежното луѓето доживуваат невидени трансформации, раскрстуваат со нештата кои ги држеле приковани за секојдневието и го пронаоѓаат своето вистинско „јас“. Почнуваат да уживаат во обични работи, како песната на птиците, спиење на клупа во парк или топлината на есенското сонце. Масовно ги напуштаат работните места и своите дотогашни партнери (спојлер: Кетрин Денев својот богат маж во една од најоткачените епизоди во филмот го заменува со вистински горила!), а еден јутјубер знаејќи дека нема наскоро да умре снима серија самоубиства фрлајќи се од мостови и од авиони.

Еа, во манир на Алиса во земјата на чудата, бега од дома низ канал кој од машината за перење води во перална во „обичниот“ свет. Веднаш почнува со својата потрага, по уште шест „апостоли“, кои би им се придружиле на останатите 12, прикажани на „Тајната вечера“ на Леонардо, чија копија им виси во станот. Следат приказните за нив: за убавицата со вештачка рака, затоа што својата ја загубила во железничка несреќа; за службеник кој си ја напушта здодевната работа за да следи јато птици до Артикот; манијакот кој е опседнат со својата прва детска љубов; серискиот убиец; несреќно омажената Мартина и дете кое сака да си проживее остатокот од краткиот живот како девојче. Додека тие тимски се обидуваат да го испратат оној кој прв помеѓу нив треба да умре, Господ се симнува на Земјата за да го спречи започнатиот бунт против неговиот авторитет. И во моментите кога мислите дека не може да биде поапсурдно, режисерот не престанува да ризикува - Господ е поразен во неговиот сопствен дом, во црковна кујна за бездомници, кога безобразно сака да се протне преку ред.

Во меѓувреме, во станот во Брисел, жена му случајно го рестартира компјутерот, и се заигрува со опциите. Резултатот е пресврт во приказната, која освен многу смешна и човечка, е и крајно инспиративна за филозофска дискусија, и поставува прашања кои немаат само врска со религија и почит кон натприродни суштества, туку и кон какви и да е авторитети, од неправедно строги и насилни татковци, до институции, цркви, идеологии.

Колкумина се потребни за да се побунат против нечовечниот поредок, во кој според Божјите закони садовите се кршат дури откако ќе бидат измиени, а алармот ѕвони секогаш десет минути порано од моментот кога си можел да кажеш дека си наспан? Одговорот на овој филм е едноставен - едно девојче, шест нови апостоли и бездомник кој на парче хартија со неспретен ракопис и лош правопис ќе напише сосема нова верзија на Светата книга. Таква, која на небото наместо облаци и загадување ќе нанесе пастелни бои, ќе го запре глобалното затоплување и нема да дозволи луѓето да живеат во страв и отуѓеност. Во тој нов свет не важат законите на гравитација, луѓето можат да дишат под вода, а и мажите да раѓаат. Во тој нов свет, Бог е - жена!

Јако ван Дормел и претходно нè има воодушевено со „Осмиот ден“ или со „Г-дин Никој“ (за него осврт тука). Ова е уште еден негов филм, кој преку мешавина на фил-гуд, игрива атмосфера, апсурден хумор и убава музика поставува суштински прашања. Како на пример - дали животот е големо лизгалиште?

21 ноември 2017 - 09:19