Оправдување на денот

Сонувањето со отворени очи е корисно!

Луѓето не се разликуваат од животните по исправениот ôд, или по тоа што користат симболи. Ние, во основа, сме сонувачи. 

Според неодамнешна студија на психолози од Харвард, Даниел Гилберт и Метју А. Килингворт, луѓето „си го пуштаат мозокот на пасење" дури 47% од времето дур се будни. Единствената активност во текот на која мозокот ни е сосредоточен на една единствена работа е - чудно но вистинито - водењето љубов.

На прв поглед, ваквите податоци изгледаат како потврда на нашата вградена мрзливост. Во култура опседната со ефикасност, сонувањето дење често се отфрла како некорисно и контрапродуктивно - тоа е наводно оној вид мислење кон кое прибегнуваме кога не сакаме да мислиме. Сепак, во последниве години, психолозите и невролозите ја имаат 'рехабилитирано' ваквата активност, издигнувајќи ја на ниво на суштинска когнитивна алатка.

Изгледа дека секогаш кога ни е малку досадно - кога реалноста не ни е доволен стимул - почнуваме да истражуваме сопствени асоцијации, фиктивни сценарија кои постојат само во нашата глава. Ова е важно како за уметниците, на кои креацијата им е работа, така и за кои било други професии.

Вирџинија Вулф во „Кон светилникот" го опишува сонувањето со отворени очи на следниов начин: „Лили го губеше чувството за надворешните работи. Во исто време нејзиниот ум постојано исфрлаше нешта од длабочините, сцени и имиња, цитати, спомени и идеи, како фонтана што прска". Сонувањето со отворени очи е токму таа фонтана, која вбризгува нови и чудни идеи во свеста.

Во статијата која наскоро ќе излезе во Psychological Science, од авторите Бeнџамин Берд и Џонатан Шолер од Универзитетот Калифорнија во Санта Барбара се опишува еден експеримент: 145 студенти добиле стандарден тест на креативност, според кој за две минути требало да наведат колку што е можно повеќе креативни начини на употреба на секојдневни предмети, како чепкалки за заби, цигли или закачалки. На сите по првата минута им бил даден 12-минутен одмор, но со три различни активности во текот на паузата: обично одмарање во тивка соба, тешка краткотрајна задача на меморирање, или правење нешто толку здодевно што би довело до поттикнување на 'сонувањето'. По паузата, студентите продолжувале со тестот. Излегло дека групата која се досадувала за време на прекинот имала 41% повеќе креативни одговори на прашањата од другите. Очигледно тие 12 минути тие несвесно работеле на случајот - ги „маринирале" идеите, и доаѓале до свежи и успешни решенија.

Ако ова ви звучи како научно оправдување за попладневни дремки, долготрајни туширања и руска литература, сосема сте во право. Раскажете му ја теоријава на шефот, и седнете си на клупа во најблискиот парк едно пола саат. Ќе видите, веднаш ќе ви дојдат креативни идеи како тој половина час да го претворите во цел ден.

7 јуни 2012 - 10:41