Томаж Пандур, театарски визионер

Со Северина против душегрижниците

Томаж Пандур (1963), кој се прослави со претставата „Шехерезада" (гостуваше и на МОТ), кој на 26 години стана директор на Словенско народно гледалишче и од Марибор направи театарска Мека, и чии претстави играат низ целиот свет, сега се фати во костец со нов предизвик: осмислување на турнејата на - Северина!

По „Хамлет", „Божествената комедија", операта на Горан Бреговиќ „Тишина на Балканот", „Хазарскиот речник", „Тесла Електрик Компани", „Калигула" и „Војна и мир", Северина можеби и не е некое логично продолжение на блескавата кариера на овој словенечки режисер, кого неговите сограѓани Словенци го имаат наречено секако - од гениј, до мегаломан и измамник. Како и зошто дошло до соработка со неа, Пандур објаснува во интервју за хрватскиот „Нови лист".

Зошто одлучивте да ја прифатите улогата на уметнички директор на регионалната турнеја на Северина, „Добредојдовте во клубот" која тргнува од ријечката Дворана младости на 23. март?

Никогаш порано немав режирано некој концерт, не го работев тој „жанр", па овој проект за мене беше прекрасен предизвик, како и впрочем на целата екипа која инаку работи на моите театарски проекти во драмата, операта и балетот. Мислам дека во денешно време сите жанрови се преплетуваат. Денес веќе не може да се зборува за тие сегменти на театарот посебно. Прекрасно е да се истражува! Да се истражува некој нов жанр, или дури и да се измисли некој нов.

Што значи терминот „сценска мултимедијална бајка во четири чина"?

Тоа баш и не може да се објасни со зборови. Треба да се дојде и да се види, да се доживее. Тој термин всушност произлезе од нејзините песни. Како уметнички директор на турнејата барав што се крие во текстовите на тие песни, каква им е атмосферата, ситуацијата, кои се мотивите на нејзината музика. Многу бргу најдовме врски помеѓу одредени песни, стари и нови. Најдовме нешто што е внатре, што е во самото ткиво на таа музика. Предизвик за мене беше и феноменот на Северина, музичарка која ја обожаваат најшироките народни маси, но која истовремено ги интригира и оние со префинет вкус. Северина се движи помеѓу тие два пола, и ми беше интересна како феномен. Како е да се биде икона на некој простор, што е тоа што ја прави толку харизматична и толку интересна на сите, тоа е она што ме интересираше во феноменот наречен Северина. Северина бренд? Не, Северина не е бренд, таа е икона. Икона и хероина на едно одредено време и простор, и тоа ја прави крајно интересна.

Свесни сте дека со изборот да бидете уметнички директор на турнеја на една естрадна ѕвезда ќе се наидете на удар на извесни театарски душегрижници и пуританци кои ќе ви импутираат дека сте го предале театарот и уметноста. Што велите на таквите размислувања?

Тоа се предрасуди кои не ме интересираат и со кои немам намера да полемизирам. Режисерот Сем Мендез режираше концерти, мјузикли и не беше ништо помалку режисер заради тоа. Гај Ричи режираше реклами и видео спотови и заради тоа не стана помалку уметник. Мислам дека е крајно време луѓето да престанат да бидат робови на предрасудите. А секоја предрасуда се раѓа од чувството на страв и загрозеност од поинаквото и другото. Тие луѓе не треба да се обвинуваат заради предрасудите. Ним треба да им се помогне да ги надминат.

За целото интервју тука.

18 март 2013 - 11:54