Мрсно 24/7

Со љубов за сланината

Велигденските пости поминаа, па раат можеме да го објавиме постов за книга исклучиво посветена на рецепти со сланина. Ја ставаат и во благо.

Во нејзината прва книга под наслов „Сланина 24/7" (2014), Тереза Гилијам нуди познати рецепти за сендвичи и крекери, но и различни засолени и чадени варијанти сланина, кои ги става дури и во мафини со кардамон или во баклава.

34-годишната американска авторка ја напишала книгата со помош на фотографката Е. Џ. Армстронг, а во текот на процесот тие заедно подготвиле дури 135 килограми сланина. Единствен проблем било што Гилијам била во првите месеци на бременоста и постојано ѝ се лошело од мирисите, но подоцна таа повторно ја вратила сланината на домашното мени.

Еве некои од нејзините совети: за соодветна подготовка важно е тавчето или рерната да бидат на собна температура пред да ја ставите сланината во нив. Така таа ќе се пече полека, нема да изгоре, и од неа ќе се исцеди максимум маснотија. Сланината во рецептот за баклава се додава во мешавината од мелени ореви и го балансира вкусот на шербетот, благо гаснејќи му ја блажината. Истото може да се направи и во колач со јаболка и во штрудла. Во книгата таа нуди и совети за засолување и чадење на сланината во домашни услови.

Според Гилијам, науката потврдила дека сланината го поттикнува „умами", таканаречениот петти вкус, кој ги нагласува, но истовремено се издигнува над вкусовите за благо, горчливо, кисело и солено. Претпоставуваме дека сте прејадени деновиве, но еве едно видео кое можеби ќе ве поттикне да почнете од почеток:

21 април 2014 - 10:22