Големата книжевна измама

Случајот Дикенс-Достоевски

Во книжевните кругови е познато намерно мамење, со пишување лажни мемоари, фалсификување дневници или искривување на историски факти за животот и делото на некој славен автор. Но оваа приказна е многу покомплицирана.

Книжевно-историските кругови повеќе од десет години ги дразни една дилема - дали Достоевски и Дикенс некогаш се сретнале? Неа ја отвори „Дикенсијан" во 2002, тврдејќи дека двајцата славни автори се запознале во лондонската канцеларија на списанието со кое раководел Дикенс, All the Year Round, во 1862. Како доказ се наведува писмото на Достоевски од 1878 до неговиот доктор и пријател С. Д. Јановски, кое во еден пасус гласи вака:

„Тој ми кажа дека сите добри едноставни луѓе во неговите романи, малата Нел, па дури и светите простодушници како Барнаби Руџ, се она што тој сакал да биде, а дека злобните ликови се она што тој е (или за што тој се смета себеси), неговата суровост, неговите напади на беспричинско непријателство кон оние кои се беспомошни и кои му се обраќаат за утеха, неговото полекување од оние кои би требало да ги сака, кои се искористени во она што тој го пишува. Во него има две личности, ми рече тој: еден кој чувствува онака како што би требало да чувствува, и еден кој чувствува спротивно. Од оној кој го чувствува спротивното ги создавам моите зли ликови, од оној кој чувствува онака како што би требало човек да чувствува го живеам мојот живот. ’Само двајца?’ - прашав."

Писмово понатаму е цитирано во две биографии за Дикенс. Сепак, иако поголемиот број книжевни историчари изгледаат убедени (и воодушевени) од можноста за ваква средба меѓу „титаните", други пак се резервирани или пак децидно ја отфрлаат. Кристофер Хиченс, на пример, во неговиот последен есеј за Венити Фер пред смртта, посветен токму на Дикенс и неговиот 200-ти роденден, вели: „Можеби се случило, но се сомневам".

Ерик Најман, кој дваесет години предавал за Достоевски, во неодамнешен текст за The Times Literary Supplement од 10,000 зборови, го дели ова мислење. Навистина Достоевски го посетил Лондон во тек на една недела во таа, 1862, но ниту неговите писма ниту пак бројните биографии содржат каква и да е назнака за ваква средба. Дури и да дошло до неа, нема шанси Дикенс вака да му се отворил на човек кого не го познавал, и чиј јазик не го зборувал (единствен јазик на кој можеле да се разберат е францускиот, и тоа прашање е колку елоквентно). Освен тоа, Достоевски бил познат како груб соговорник, кој ретко се дружел дури и со руските колеги - никогаш не се сретнал со Тoлстој, а го мразел Тургењев.

Но Најман не останува на ова. Спроведувајќи речиси детективска истрага, тој се обидува да ја следи трагата на можната измама со лажен цитат, па дури и лажно име на авторката на првобитниот текст во Дикенсијан од кој сè почнало. Најман почнал да ја бара на интернет, но единствената личност со ова име која се занимава со пишување се оградила од авторството на статијата, и рекла дека веќе ѝ е преку глава да одговара на прашања во врска со неа. Уредникот на „Дикенсијан“ пак кој се обидел да ја контактира добил одговор од сестра ѝ, во кој се вели дека Стефани доживела сообраќајка, тешки повреди на мозокот и „едвај ги препознава дури и членовите на семејството“.

Зошто воопшто некому би му било од корист да лаже за некаква средба меѓу Дикенс и Достоевски, и тоа на ваков бизарен начин?, се прашува Најман. Прво, амбиција: различните членови на книжевната заедница пишуваат за да го привлечат вниманието на другите членови, и вметнуваат вакви детали во инаку сувите и прозаични осврти токму со таква намера. Понекогаш сочниот детал може да е дури и вистинит, кога оние кои копаат по архивите пронаѓаат некаков нов, дотогаш непознат факт од животот и делото на славните писатели и се обидуваат да ги импресионираат поизвиканите колеги со него. Но понекогаш ова е само „стилска вежба", провокација и манипулација со јавноста, што за ќеф, што за да се покаже дека манипулацијата е можна и реална (како во познатата афера Сокал).

Иако не се осудува да ја постави конечната дијагноза, Најман во сложениот синџир на поврзаности на ова-списание-со-оној автор-под овој-псевдоним, на крај стигнува до извесен А. Д. Харви, кој е најверојатниот покренувач на целата измама во случајот „Достоевски го сретна Дикенс". Иако прилично амбициозен и со докторат по историја од Кембриџ, тој не успеал да влезе во британскиот универзитетски систем, и тоа откако аплицирал за околу 700 (?!) позиции на различни британски универзитети, при што бил повикан на само осум интервјуа. Со енциклопедиско знаење, но и со фасцинантни хобија, како обидите да се документираат навидум ефемерни артефакти (човекот со години собирал пластични ќеси, верски флаери, фотографии на чудни надгробни споменици), тој се прикажувал како жртва на универзитетски систем кој не покажува интерес за вистинските квалитети.

Гневен на целиот академски естаблишмент во Британија, тој особено бил кивен на стручното списание на тамошното Историско здружение, кое наводно водело црна листа на научници чии статии ги отфрлало и без да ги прочита, како што правело и со неговите. За да ги зафркне уредниците на ова и на други списанија, тој почнал да им испраќа текстови од различни адреси и под различни имиња, но секогаш во нив оставајќи некоја трага кон своите претходни текстови, во форма на цитати или „крадени" делови, па така доаѓало и до апсурдни ситуации кога бил поканет да рецензира сопствен текст само напишан под друго име, само затоа што е спомнат во него.

Најман смета дека нешто слично се случило и во приказната со статијата во Дикенсијан, за која на крај се открило дека е испратена токму од поштенската адреса на А. Д. Харви. Можеби и во неа тој оставил своја трага, кога зборувал за поделената личност на Дикенс. А можеби едноставно ова било последниот, очајнички обид да привлече внимание кон себе.

15 април 2013 - 21:05